Фото: Маја Јаневска-Илиева

Градоначалничката на Град Скопје Данела Арсовска најави дека ќе поднесе кривични пријави за сите оние кои најавија дека ќе го остават Скопје без јавен превоз.

– Не може некој да излезе на 15-ти во месецот и да рече нема плата, нема да се вози, а врши дејност од јавен интерес. За тоа кривично ќе одговара оној кој најави дека Скопје ќе го остави без јавен превоз – рече Арсовска, на новинарско прашање по денешната прес-конференција за новиот Детален урбанистички план во Општина Ѓорче Петров.

Синдикатите во ЈСП, минататата недела во четврток попладне, најавија прекин на јавниот градски превоз за утредента, поради неисплатена плата за јануари. Автобусите не возеа од 4.30 до 6.30 часот кога, како што објаснија, им било јавено од директорот дека ќе им биде исплатена платата.