Данела Арсовска, градоначалничка на Скопје/Фото: Град Скопје

Советот на Скопскиот плански регион донесе одлука да побара извештај од Град Скопје за состојбите поврзани со комунална хигиена. Градоначалниците ја повикаа градоначалничката Данела Арсовска веднаш да најде решение за проблемот и да не го остава градот блокиран. Побараа Дрисла да ги отвори рампите за да може нивната механизација да продолжи да работи. Градоначалникот на Центар, Горан Герсимовски рече дека тие немаат големи камиони за да го подигнат отпадот од контејнерите од булеварите, но дека со таа механизација со која располагаат, ќе сработат тоа што можат.

Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ пак ја повикаа градоначалниката Данела Арсовска да поднесе оставка. Велат дека со месеци слушале демагогии од градоначалничката, но дека граѓаните не ги интересира што е проблемот, туку градот да им биде чист, зaшто за тоа плаќаат.

– Ги повикувам од Дрисла да ги отворат рампите за да ова го сработи некој кој е способен. Никој од нас не штити никој што не одел на работа, но не може на сметка на 20-30 луѓе цел град да биде заложник. Факт е дека во моментов 1.200 луѓе во Комунална не работат ништо. Никој не може да се блокира градот заради сомнеж за нешто – рече градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Георгиевски.

Тие велат дека немаат ингеренции да го решат проблемот, но дека нема да се повлечат и ќе бараат законско решение. Ако нема постапување, најавија кривична пријава против Арсовска.

Арсовска, пак, прогласи победа за заштита на јавниот интерес преку соопштение до јавноста.

„Успеавме да извојуваме уште една победа со цел заштита на јавниот интерес, интересот на скопјани“, напиша градоначалката Данела Арсовска, покрај фотографиите од осум исчистени контејнери.

– Скопје се чисти, екипите на Комунална хигиена Скопје се на терен, состојбата во претпријатието е нормализирана. Не дозволивме и нема да дозволиме мафијашки структури заедно со политичкиот смет да наштетат на интересите на македонските граѓани –  кажа градоначалничката.

Арсовска додаде дека ништо нема да ја спречи да го исполни ветеното пред граѓаните.

– Она што го ветив пред граѓаните е дека ќе работам чесно и во нивен интерес и ништо нема да ме спречи да го исполнам дадениот збор – порача Арсовска.