Фото: Општина Кисела вода

​Во своето гостување во Радио Слободна Европа, градоначалникот на Кисела Вода и претседател на ЗЕЛС Орце Ѓорѓиевски истакна дека неодамна предложената иницијатива за законски измени и зголемување на казните за создавачите на диви депонии, очекува да вроди со плод и да се спречи несовесното уништување на животната средина.Како што најави, казните би биле во висина од три до пет илјади евра и можност за одземање на возилото на сторителот. 

– Знаете како, од една страна треба да се влијае и на инспекторите. Но, еве во мојата општина имам неколку инспектори, значи дека не е дека немам инспекција, но постапуваат по тарифници, односно глобите се премногу ниски. И сега, ако земете во предвид одредена градежна компанија, која што во неколку наврати ја казнуваме за истата работа, претпоставам дека концептот нивни е, подобро ќе ризикувам да ме казни општината со 30, 40 или 50 евра, отколку да го носам отпадот во Дрисла.
На овој начин сметаме дека ќе влијае во глобала на целата слика, затоа што ние генерално до сега се занимаваме со последиците. Сега ќе влијаеме на причинителот на сето тоа. И 30-тина години во државава ние генерално во политиката се занимаваме со решавање на последиците, но притоа никој не обрнува внимание на причинителите, односно на начинот на кој што доаѓаме ние да се занимаваме со последиците – вели Ѓорѓиевски.

Тој додава дека со казни во висина од 3 до 5 илјади евра и со можност за одземање на возилото на сторителот, на тие 2-3% од населението што создаваат депонии, ќе им се влијае и ќе се спречат во иднина да прават депонии.