Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска по повод одбележувањето на Меѓународниот ден на младите го потпиша решението за формирање Собрание на млади на Град Скопје, кое се основа за првпат во Град Скопје, во согласност со Законот за младинско учество и младински политики.
Во рамките на денешното одбележување, градоначалничката Арсовска оствари средба со претставниците на Иницијативниот одбор за конституирање собрание на млади на Град Скопје, кои ја информираа за подготвителните активности за организирање на конститутивнaта седница на Собранието на млади на Град Скопје.
Иницијативниот одбор по спроведен јавен повик за учество на конститутивно Собрание на млади на Град Скопје ги избра делегатите на собранието, во кое членуваат претставници од младински организации, подмладоци на политички партии, ученички и студентски организации и други облици на младинско здружување. Собранието на млади на Град Скопје ги избира членовите на Локалниот младински совет на Град Скопје, кои во согласност со регулативата ги застапуваат интересите на младите и креираат политики наменети за младите на подрачјето на градот Скопје.
Град Скопје информира дека посветено ќе работи на подобрување на условите за живот на младите, а формирањето на Локалниот младински совет значително ќе придонесува за зголемување на учеството на младите лица во носењето на одлуките од нивен интерес на локално ниво.
Задачите на конститутивното собрание на млади на Град Скопје се состојат од објавување на јавниот повик за избор на членови на локалниот младински совет на Град Скопје, избира членови на локалниот младински совет по пат на непосредни избори со тајно гласање во кое право на глас имаат делегатите од собранието, како и креирање на деловник за работата на локалниот младински совет.
Локалниот младински со-вет на Град Скопје ги претставува интересите на сите млади од заедницата и предлага точки кои ги засегаат младите за прашања поврзани со младите, според идентификуваните потреби и предлага решенија.