Филозофијата и доктрината на шахот се добро да се проанализира секој можен потег, па дури потоа да се повлече. Токму оваа шаховска доктрина одамна ја согледале и ја усвоиле сите моќни светски сили и во практикувањето на своите политики. САД, Русија, Кина, Франција, Германија и други моќни држави водат глобална политика како да играат шах. Постојано ги градат и ги подобруваат својата улога и позиција, не жртвуваат фигури непромислено, тактизираат, анализираат. Каде е Македонија во целата оваа приказна и кога ние ќе ја одиграме нашата историска партија на глобалната сцена?

АНАЛИЗА: ВОВЕДУВАЊЕТО ШАХ ВО УЧИЛИШТАТА КАКО ПОВОД ЗА ПОЛИТИЧКО РЕСЕТИРАЊЕ

Одлуката на Министерството за образование со која од септември се воведува шахот во училиштата како изборен предмет, за прво и второ одделение, е одличен повод за општествено-политичко ресетирање на сите полиња. Тоа треба да биде и поттик за промена на досегашната главно губитничка политичка матрица, која се карактеризираше со непромислени и избрзани потези од кои потоа штета трпат целата држава и сите граѓани. Многупати досега на политички план жртвуваме кралица за коњ, губиме добиени партии, жртвуваме и менуваме име на држава, откако веќе нѐ признале близу 150 држави во светот, си поигруваме со идентитетот, јазикот, историјата, дозволуваме некој да ни ја ретушира историјата, да ни ги подрива антифашистичките темели на државата итн. Вакви самоуништувачки потези во шахот се речиси незамисливи. Или може да им се случат само на тотални аутсајдери и аматери. За жал, домашната политичка сцена изминативе години и декади изобилуваше со вакви аматери, кои не сакаат да мислат, па некој друг им ги влече потезите. И тие најчесто се погрешни. Затоа и стигнавме дотаму каде што сме. На работ на бездна. Во таа насока, на влегувањето на шахот во образованието треба да се гледа и од една сосема друга диоптрија. Тоа да биде повод за влегување на еден нов шаховски менталитет во политиката и животот. Брзоплетоста и површноста да се заменат со промисленост и аналитичност.

Шаховска матрица и во политиката

Далеку од тоа дека шахот прекуноќ може ја облагороди и подобри политиката, па од септември да ни цветаат рози на сите полиња. Велемајстор не се станува брзо и лесно ниту на шаховската табла, а уште потешко во политиката. Но за почеток доволно ќе биде барем да се промени начинот на размислување и водење на политиките. Политичарите да почнат шаховски да размислуваат и да дејствуваат. При носењето на одлуките добро да се проанализира секој можен потег, сопствениот и на противникот, па дури потоа да се повлече.
Тоа се филозофијата и доктрината на шахот. Која одамна ја согледале и усвоиле сите моќни светски сили и во практикување на политиката.
Зошто шахот е многу повеќе од игра. Во одредена смисла на зборот тоа и не е игра, туку ментална психологија, градење стратегија, проучување на противникот и барање начин како да се извлече најдоброто од секоја можна ситуација. Оние што добро ја познаваат шаховската игра знаат дека се можни секакви пресврти. Само со еден избрзан или непромислен потег може неповратно да си ја нарушите позицијата и да станете губитник. И обратно. Доволен е и еден добар потег да ја свртите играта во ваша полза. На Македонија очајно ѝ требаат такви добри политички потези. Сега многу повеќе од кога било претходно, на Македонија ѝ требаат функционери и политичари што размислуваат како велемајстори. Ни требаат потези што ќе ја вратат вербата кај народот во подобра и посветла иднина.

Искуства и поуки од големите сили

Врвните шахисти анализираат 20, па и повеќе можни потези однапред за да предвидат што сѐ може да се случи на таблата. Истото важи и за политичарите и државните стратези. И тоа е така кај големите сили. Таму беспрекорно функционира таа шаховска матрица во политиката и водењето на државите. Затоа САД, на пример, однапред знаат и имаат сценарија што ќе се случи во следните 20 години на која било точка во светот, во Русија и покрај тоа што е во војна, расте вредноста на рубљата, како и зависноста на Европа од нејзиниот гас, Кина има готови инфраструктурни и бизнис-планови за следните десетлетија итн. Водечките светски држави, кои се доминантни на економски и политички план, истовремено се и водечки шаховски велесили. Погледнете ја само ранг-листата на ФИДЕ и ќе се уверите. Која земја колку играчи или шахисти со некоја меѓународна титула има. Мислите дека тоа е некоја случајност или коинциденција. Не, воопшто не е. Тоа е доктрина, државна стратегија, матрица на размислување, која се негува уште од мали нозе. Филозофијата на шахот како тактичко и стратегиско надмудрување денес е водечка и доминантна филозофија и во глобалната политика. САД, Русија, Кина, Франција, Германија и други моќни држави водат глобална политика како да играат шах. Постојано ги градат и ги подобруваат својата улога и позиција на таблата, не жртвуваат фигури, тактизираат, длабоко анализираат. Што, за жал, не може да се каже за домашната политика. Се добива впечаток дека нашите политичари не знаат што ги чека од денес за утре, камоли да имаат излезни стратегии и решенија за сите предизвици со кои се соочува државата. Затоа и ни се случува да прифаќаме погубни договори со кои се ништат нашиот идентитет, историја, јазик итн. Во другите земји од светот шахот одамна се изучува во училиштата. И тоа не само во основно образование. Големите и моќни држави имаат и факултети за шах со долга традиција и историја. Да не говориме што таму шахот се популаризира за секој можен начин и во секоја пригода. Најдобра потврда за ова е и неодамнешната хит серија на Нетфликс, „Дамин гамбит“, која ги сруши сите рекорди на гледаност. Толку за светските искуства и поуки.

Благородна идеја што не смее да се прокоцка и уништи

И бидејќи во минатото често сме имале примери некоја перспективна и благородна идеја, дали од немарност, незаинтересираност, незнаење или што било друго да се прокоцка и уништи, неопходно е уште на почеток да се укаже на одредени предизвици и потенцијални слабости што може да се јават при реализација на иницијативата за шах во училиштата. Но пред сѐ треба да се пофалат и Шаховската федерација на Македонија и Министерството за образование и сите други учесници што придонеле и се залагале за оваа идеја да се реализира. Но, како што се велат, и патот до пеколот е поплочен со добри намери, затоа сега не треба да се дозволат какви било импровизации при спроведување на проектот. Да не заборавиме дека иднината е во младината и наша обврска е да создаваме здрави и мудри генерации.
Во таа насока она што паѓа во очи е дека часовите по шах ќе ги водат наставници по физичко образование. Со сета почит кон овој профил на наставници, но како што посочивме и претходно шахот е многу повеќе од обичен час по физичко. Тајните и убавините на шаховската игра на помладите многу подобро може да им ги пренесат активни и професионални шахисти, кои зад себе имаат богато шаховско искуство. Импровизацијата со наставници по физичко не е најидеално решение и може да биде контрапродуктивно и погубно уште од самиот почеток. Токму ова мислење го делат и редица шахисти со кои се консултира нашиот весник и чии ставови ги издвојуваме во продолжение. Димитар Илиевски, интернационален мајстор и легенда на македонскиот шах, кој има одиграно безброј симултанки низ училиштата во цела Македонија, вели дека најдобро е со децата да работат искусни и афирмирани шахисти.
– Своевремено уште пред многу години јас имав подготвено посебна програма и прирачник за почетници, која сега може да се употреби во училиштата. Во Македонија има афирмирани и докажани шахисти со богато искуство и знаење, кое може да им се пренесе на помладите. За да се привлечат што повеќе деца кон шахот, треба да се пренесат и лични искуства, кои ќе бидат интересни и поучни – вели Илиевски.
Тој ја поздравува одлуката за воведување шах во училиштата и се надева дека истата таа може најдобро да се реализира само со учество на афирмирани шахисти.
Слично размислува и Стојанчо Димковски, шаховски мајсторски кандидат, кој на годинашното државно првенство на Македонија во шах се пласира на делба на петтото место, а претходно има освоено и редица пехари и признанија на турнири по шах на национално и меѓународно ниво.

Спој на искуство и младост: Илиевски и Димковски на шаховски настан од ревијален и едукативен карактер

– Воведувањето на шахот во образованието е одлична можност да се придонесе кон развој на добри, квалитетни и способни луѓе што ќе придонесат за подобро општество. Сметам дека многу е важно уште од најрана возраст да се придонесе кон развој на умствените способности на децата и способноста да анализираат, да споредуваат, да носат одлуки и да размислуваат критички и креативно. Интересот за шахот кај децата во Македонија е на мошне високо ниво, што навистина ме радува и за што и лично се имам уверено при учество на разни настани и манифестации од едукативен карактер. Она што е интересно е што на вакви настани најљубопитни во врска со шахот се токму децата. Затоа особено ми е драго што од септември учениците од прво и второ одделение ќе имаат можност и преку образованието подобро да се запознаат со оваа древна игра – вели Димковски.
Шахот, покрај тоа што учи на борбеност, упорност и надмудрување, наедно повикува и на почитување, толеранција, обединување околу нешта што претставуваат универзални хуманистички вредности, кои во денешно време како малку да се подзаборавени. Сите овие вредности се темел за изградба на едно подобро и поправедно општество во кое секој поединец би сакал да придонесува и живее – нагласува Димковски.
Во однос на идејата за шах во училиштата побаравме мислење и од наставниот кадар што и практично треба да ја реализира замислата. Некои од наставниците по физичко сѐ уште немаа доволно информации и велат дека чекаат дополнителни насоки и инструкции. Но има и такви што се скептични во однос на успешноста на идејата доколку таа не се прошири и омасови.
– Во школото каде што јас предавам најголеми познавања и интерес околу шахот имаа еден колега што е професор по математика, а исто и друг колега што предава странски јазик. Тие, секако, би сакале да се вклучат и да работат со децата околу шахот, доколку им се даде можност – вели нашиот соговорник, кој наскоро треба да замине во пензија.
До септември има уште малку време и останува Шаховската федерација и МОН уште еднаш добро да го разработат проектот. Шаховски да ги проанализираат сите можни опции и да донесат најдобри решенија, во интерес на децата и на државата. Целта на оваа наша анализа е токму во таа насока.


Потенцијална база на обучувачи

За да заживее и успее целосно проектот шах во училиштата, клучно е да се оформи широка и професионална база на шаховски инструктори и обучувачи. Кој сѐ може да се вклучи.
– шаховски тренери што веќе работат во шаховските школи низ државата
– наставници по кој било предмет што добро ја познаваат шаховската игра
– активни шахисти со искуство и меѓународен рејтинг од над 1.800 поени
– шахисти ветерани
– искусни членови на шаховските клубови во Македонија, од прва и втора лига
Од сите овие категории може да се оформи солидна база на обучувачи што би се вклучиле во работата со децата, се разбира, во координација и со поддршка и на Шаховската федерација. Распределбата на обучувачите може да се врши и според местото на живеење, односно секој од нив да покрива некое училиште што е најблиску до неговата општина, со цел да се избегнат какви било дополнителни трошоци. Дали за тоа ќе треба да поминат и соодветна дополнителна обука за да добијат лиценци е веќе техничко прашање. Најважно е добро да се осмисли. Во интерес на младината и за добро на државата, потребна е популаризација на шахот.

Редакција „Нова Македонија“