Фото: Игор Бансколиев

Секојдневно, особено во утринските часови, во Аеродром, Автокоманда, Бит-пазар се случува сообраќаен колапс. Сите брзаат да стигнат на своите работни места, а сега оние што го користеа мостот „Беласица“ мора да поминуваат преку Бит-пазар, зголемувајќи го и онака големиот наплив на возила во утринските сообраќајни шпицови

Секојдневниот хаос на неколку „црни точки“ во метрополата произведува нервозни денови и месеци за граѓаните

Скопјани се едни од граѓаните во земјава што се најнапатени кога станува збор за сообраќајот. Досега беа лоцирани неколку црни точки што во одредени временски периоди беа навистина проблематични за возачите. И тие сообраќајници сите ги знаеја и оние што имаа можност ги избегнуваа. Меѓутоа, откако беше затворен за сообраќај мостот „Беласица“, повеќе нема каде да се бега. Хаосот како чума го обзема Скопје.

Возење по ТРОТОАРИ

Не се знае до кога мостот „Беласица“, кој неодамна беше опожарен и затворен за сообраќај, ќе биде надвор од функција, но факт е дека итно е потребна акција, бидејќи Скопје тоне во сообраќаен хаос.
Секојдневно во утринските часови, во Аеродром, Автокоманда, Бит-пазар се случува сообраќајна хаварија. Сите брзаат да стигнат на своите работни места, а сега оние што го користеа мостот мора да поминуваат преку Бит-пазар, зголемувајќи го и онака големиот наплив на возила во утринските сообраќајни шпицеви.
На граѓаните веќе им е прекуглава. Велат дека на сите страни нешто се прави, дека немаат никаква опција за да го избегнат хаосот што се случува наутро и попладне.
– Уште само ова ни требаше, да се затвори мост што е една од главните сообраќајни артерии во градот. Кај и онака беше хаос низ Скопје, сега е уште повеќе. Жителите на Автокоманда, Бутел, Маџари што работат во Аеродром повеќе не можат да го користат мостот и мора да се движат кон Бит-пазар, па дури на крстосницата да вртат лево, кон Аеродром. Тоа е, верувале или не, значителна бројка на возила што може да се види изминатите неколку дена по зголемениот метеж што се чувствува секојдневно – вели Александар Михајловски, жител на Автокоманда.
Дека тоа е навистина така се увери и нашата новинарска екипа, која во раните утрински часови направи обиколка низ неколку „жешки“ точки во Скопје.
Крстосницата на Бит-пазар навистина е најфреквентна. Иако и досега тука владееше сообраќаен метеж, сега слободно би можеле да кажеме дека владее сообраќајно лудило. Од сите ленти се слеваат возила, кој ја промашил насоката кај стигне се обидува да ја смени лентата, друг свири, трет ги напнува возачите пред него, агресивно возејќи зад нив прилепувајќи им се до задниот дел од возилото.
За среќа, што досега не се случи посериозен инцидент помеѓу нервозните возачи.
Кај мостот „Гоце Делчев“ кон Бит-пазар не е ништо подобро. Колона возила чекаат речиси до самиот мост. Оние „попаметните“ дури возат по тротоарот сѐ до семафорите кај библиотеката.
– Ова е лудост, не се стигнува никаде. Ниту со автобус човек повеќе не може да стигне брзо. Сите ленти се окупирани од возила, сообраќајот не тече, не се движи, туку ползи. Се надевам, но и апелирам до надлежните во најбрз можен рок да најдат решение за овој проблем – вели Благица Богоевска.

ХАОС И КАЈ МОМИН ПОТОК

Ништо подобро не е ниту кај Момин Поток. Тука веќе хаос владее со месеци. Градежната офанзива си тече, ама се чини оди по системот „капка по капка“. Раскопаните улици креваат прав насекаде, дупки на сите страни, полунаправени кружни текови, кои веќе наголемо се злоупотребуваат од страна на „снаодливите возачи“, поради кои повторно долго се чека, бидејќи сакале или не, мораат да се приклучат на истата улица, од каде што претходно досетливо избегаа стискајќи го педалот за гас малку посилно.
– Овде веќе со месеци ситуацијата е катастрофална. Не постојат зборови со кои би објаснил. Ова не е нормално. Ова се работи што треба да се решаваат брзо, а не да го малтретираат народот секојдневно. Треба да се воведе некаков ред, не може вака да се функционира. Да се забрзаат работите бидејќи навистина веќе ни е дојдено прекуглава – вели Тони Тајкоски, кој секојдневно оди со возилото на своето работно место преку Момин Поток.

КАДЕ Е НАЈГОЛЕМИОТ МЕТЕЖ

Со години се прават некои статистики за тоа колкава е фреквенцијата на возила и кои места се црни точки кога станува збор за метежот во сообраќајот.
Па така, факт е дека скопјани се справуваат со најголем сообраќаен метеж во осум часот наутро, во 15 и во периодот од 16 до 17 часот.
Ако пред три години од Центарот за управување и контрола на сообраќајот информирале дека само на Бит-пазар, односно на булеварот Гоце Делчев и крстосницата со булеварот Крсте Мисирков минувале речиси 80 илјади возила дневно, денес со оглед на актуелната ситуација, оваа бројка е сигурно поголема.
Најголемите сообраќајни мешаници се на улиците Перо Наков кон Киро Глигоров, на Борис Трајковски кон Драчево, мостот „Гоце Делчев“, мостот Близнак и уште неколку улици каде што е евидентиран метеж.

НИКОЈ НЕ ЗНАЕ ДО КОГА ЌЕ БИДЕ ЗАТВОРЕН МОСТОТ

Не се знае до кога мостот „Беласица“ ќе остане затворен за сообраќај. Градоначалничката Данела Арсовска истакна дека мостот не е безбеден и оти нема да биде пуштен сѐ додека градот не добие гаранција дека издржливоста и статиката на мостот се безбедни.
Сепак, како што нагласи, таа не знае ниту колку долго ќе биде затворен мостот за граѓаните.
За жал, според првичните наоди, пожарот бил предизвикан од човечки фактор.
Движењето на мостот е целосно забрането за сите учесници во сообраќајот, а забрането е и движењето под него, па рекреативците што се движат на овој потег ќе мораат да го заобиколуваат.
Според Стојанче Ангелов, првиот човек на Центарот за управување со кризи, како причина за пожарот стојат две опции. Пожар во инсталацијата или, пак, човечки фактор. Ова второво е поткрепено од фактот што на овој потег честопати можат да се видат стари душеци и ќебиња, па лесно може да се донесе заклучок дека токму тука живеат бездомници – појава што не е првпат да биде регистрирана тука. Пред неколку години, во обид да го решат долгогодишниот проблем, градските власти ги рушеа дивоизградените привремени објекти на овие простори.