Фото: Архива

Во предлог-иницијативата на работната група, уставните измени се сведени на продолжување на низата наброени „делови од народи“ во преамбулата на македонскиот устав и уште во еден амандман и еден член од нормативниот дел. Со таквото понудено решение, во јавноста се потврди ставот дека нема да бидат добиени потребните 80 гласа во Собранието за потребата за уставни измени. Сепак, во сето нејасно политичко-партиско маневрирање во процесот на иницијативите за уставните измени и обезбедувањето двотретинско мнозинство, како интегрално решение на мултипредизвиците во кои се најде државата, наши соговорници од повеќе засегнати страни, како логичен редослед на настаните брифираат дека се преферира европско-хрватската опција, токму онаа првично предложена од евроамбасадорот Гир, која има потенцијал да одговори со успех и за власта и за опозицијата, а пред сѐ за мнозинството граѓани

Избива на површина прифатливо решение за доаѓање до двотретинско мнозинство за македонскиот устав

И покрај манифестираниот ентузијазам за почеток на процесот на уставни измени со продуцирање на предлог-иницијативата од работната група на Министерството за правда, како реален политички и правен предизвик за негова реализација стои потребата за негово изгласување во Собранието со двотретинско мнозинство. Таквиот предизвик досега беше изговор за одложување на процесот на уставни измени од страна на политичката гарнитура што презеде обврска со францускиот предлог да ги внесе Бугарите во македонскиот устав, но се чини дека притисокот на роковите ги мотивираше и претседателот на државата и на Собранието да ја поддржат намерата дека е крајно време процедурите да започнат. Текстот на предлог-иницијативата од работната група е влезен низ институционално доработување во Министерството за правда, па во Владата, пред да биде испратен во Собранието, каде што всушност е легитимното место за спроведување процедура за уставни измени.
Во независното опстојување на Македонија како држава не е непознат феноменот на менување на Уставот со парцијални решенија, кои привремено решаваат одреден проблем, обично наметнат од надворешни и внатрешни фактори како уцена за државноста, но се чини без согледување на долгорочните последици од таквата привидно спасоносна идеја. Своевремено воспоставената иновација (односно во 2001 година) во македонскиот устав, со именувањето на малцинствата како „дел од народ“, и досега беше скриена закана за унитарноста на државата и остава простор за дебатирање за статусот на македонскиот народ како носечки и мнозински државотворен субјект во државата Македонија. Со таквата еуфемистичка формулација на малцинствата во Уставот, фактот дека Македонија е единствената матична, национална држава на македонскиот народ, стана нешто што би требало да се подразбира, но не е експлицитно наведено во текстот на преамбулата. А малцинствата како делови од народ (кои се мнозинства во други држави) ги имаат истите суверени права како македонскиот народ, па дури и опцијата на „самоопределување до отцепување“, што, според меѓународното право, ја имаат – народите! Имајќи ги предвид нескриените аспирации на Бугарија спрема Македонија и македонскиот народ, изразена дури и во собраниски декларации на бугарскиот парламент и континуирано историско негирање на македонското национално постоење, оваа формулација „дел од народ“, на која би требало да се додадат и Бугарите во преамбулата на македонскиот устав, наликува на „уставна дупка“, низ која може да се провре реализацијата на бугарските намери по административно-процедурален пат.

Предлогот на евроамбасадорот Гир избива повторно во прв план

Во текот на неформалната дебата во јавноста за „леснотијата и бенигноста“ на уставните измени што се бараат од Македонија, како услов за почнување на преговорите со Европската Унија, првично од евроамбасадорот Гир како пример беше наведен моделот на преамбулата на хрватскиот устав, во кој е наведено дека Хрватска е национална држава на хрватскиот народ и автохтоните 22 малцинства што живеат во оваа земја-членка на ЕУ. Тој пример потоа беше наведуван и од претставници на владејачката коалиција, кои ја имаат преземено обврската за спроведување на уставните измени, а згора на тоа и најголемата опозициска партија, официјално го номинираше тој образец за Уставот, како прифатлив за нив и на кој би дале поддршка за постигнување двотретинско мнозинство за уставните измени, доколку доследно биде применет: Македонија – национална држава на македонскиот народ и малцинствата што живеат во неа.
Без разлика што во предлог-иницијативата на работната група уставните измени се сведени на продолжување на низата наброени „делови од народи“ во преамбулата на македонскиот устав и уште во еден амандман и еден член од нормативниот дел, ЕУ-образецот инициран од евроамбасадорот Гир сѐ уште е во игра, бидејќи единствено таа е опција што врзува доволна критична маса и пратеници и граѓани. Според изворите со кои се консултиравме во политичките кампуси, ЕУ-образецот е логично решение врз основа на кое ќе се доизгради македонскиот модел, како пошироко прифатливо решение.
– За жал, не слушнавме ниту една позитивна изјава од владејачката гарнитура за тој предлог за моделот на преамбулата. Таквиот обид за „премолчување“ на предлогот на опозицијата, но и содржината на предлог-иницијативата на работната група, со наводно „техничко додавање“ на Бугарите и уште неколку малцинства во преамбулата на нашиот устав, наведува дека власта ќе оди на решение во корелација со протоколите од меѓувладините седници на Македонија и Бугарија. Од друга страна, од претставници на опозицијата и понатаму во изјавите се повторува предлогот за споменатиот модел, што укажува дека не се откажале од него. Но евидентно е нерасположението на власта за некаква друга иницијатива за уставните измени, освен за спроведување на обврските преземени со францускиот предлог и протоколите од меѓувладините седници со Бугарија. Планот е, доколку е можно, тоа да се спроведе побрзо и поневидливо за јавноста, по принцип на притисок. Не очекувам коректност во овој процес, со сиот ризик за нив дека немаат двотретинско мнозинство за спроведување на уставните измени. Резервниот план е, по неуспехот на спроведувањето на првиот план, тоа да се искористи во предизборна кампања за манифестирање на уште една линија на поделба во Македонија: на проевропски и антиевропски сили – вели Илија Димовски, поранешниот пратеник во македонското собрание.

Колемишевски: Таков модел, како преамбулата на хрватскиот устав, е добро решение за Македонија

Во поглед на применливоста на хрватскиот модел на Уставот, како соодветно решение за предизвикот на постигнување двотретинско мнозинство, политичкиот аналитичар и долгогодишен новинар Панде Колемишевски смета дека иако е добро решение, тој е по малку скептичен во врска со тоа.
– Еден таков модел, како преамбулата на хрватскиот устав, е добро решение за Македонија. Со него би се заштитиле Македонците во Уставот, како државотворен фактор и би се потврдило дека Македонија е национална држава на македонскиот народ, со еднакви суверени права на малцинствата што живеат во неа. Но засега не гледам јавно манифестирано расположение за прифаќање на овој модел кај политичките фактори што треба да ги спроведат уставните измени. Како што течат процесите, видливо е дека се настојува само да се заврши обврската преземена со францускиот предлог и по секоја цена да бидат внесени Бугарите во македонскиот устав. Сепак, ми се чини дека намерите за запишување на Бугарите во македонскиот устав се многу подалекосежни од она што се настојува да се прикаже како наивно и „техничко“ прашање – вели Панде Колемишевски.