Во чест на починатиот писател, режисер, сценарист, драматург и еден од најзначајните ликови во македонската култура, Горан Стефановски, Општина Центар и семејството на Стефановски наскоро ќе постават спомен-обележје во неговото Дебар Маало.
Симболичната клупа-споменик е излеана, се наоѓа во Лондон, Велика Британија, а ќе биде поставена во паркчето што се наоѓа спроти бараките на општината, веднаш до чинарот, кој на роденденот на Стефановски – 27 април, беше засаден во знак на сеќавање на доајенот на македонската литература.
– Клупата на Горан Стефановски, малото но сепак големо спомен-обележје на македонскиот литературен лауреат, го почнува патешествието од Лондон до Скопје. Во наредниот период очекуваме да пристигне тука и заедно со семејството, пријателите, но и со сите почитувачи на ликот и делото на Стефановски да ја поставиме во неговото Дебар Маало – изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Покрај поставувањето на споменикот, Општина Центар секоја година во Дебар Маало со пригоден настан го одбележува и роденденот на Горан Стефановски, како дел од општинската програма за култура, со исклучок на минатата година, кога целиот свет се соочуваше со пандемијата на коронавирусот.
Активно е и Здружението на граѓани за зачувување и промоција на културното наследство на Горан Стефановски, чија цел е неговиот опус во секое време да им биде достапен на граѓаните за подобро запознавање со неговите дела и промоција на сето она што значеше Горан за македонската културна сцена.
Роден во Битола, на 27 април 1952 година, Стефановски останува еден од најпознатите и признаени македонски академици, писатели, професори и драматурзи. Автор е на многу текстови и драми, меѓу кои и „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на детската ТВ-серија „Бушава азбука“.