Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, со намера за исполнување на потребите на своите корисници и по успешно спроведената акција во јули, донесе одлука за спроведување на уште една акција за исплата на заостанатите долгови без камата за задоцнето плаќање.
– Акцијата за наплата на долговите без камата за физички и правни лица е со определен временски рок, од 2.11.2020 до 15.12.2020. По истекот на овој период одлуката престанува да важи. ЈП „Водовод и канализација“ Скопје, имајќи ја предвид социјално-економската состојба како резултат на пандемијата, повторно излегува во пресрет на потребите на граѓаните. Имено, секој работен ден од осум до 14 часот, граѓаните можат да се обратат во Секторот за наплата, за исплата на долговите до 24 месечни рати во зависност од висината на долгот – информираат од претпријатието.
Процесот за наплата ќе се одвива непречено со почитување на сите протоколи, за заштита од ширењето на коронавирусот.

– Сите корисници што доаѓаат во просториите на претпријатието треба да го одржуваат редот на чекање за влез, притоа почитувајќи го определеното растојание. При влез, задолжително е носење заштитна маска, а пред влез на секој клиент ќе му се мери телесната температура. При влегување и излегување од просториите на претпријатието е задолжителна и дезинфекција на рацете. Бројот на корисници што влегуваат во просториите на претпријатието е ограничен, во согласност со одредените протоколи за заштита – велат од водоводното претпријатие.
За заштита на корисниците и вработените, во „Водовод и канализација“ секојдневно се врши зачестена дезинфекција на просторот.