Фото: Илустрација / Маја Јаневска-Илиева

Сметаме дека е некоректно граѓаните да нѐ обвинуваат и прозиваат, без притоа проблемот или случајот со валидаторот да се провери и потврди преку систем, информираат од ЈСП-Скопје

Граѓаните обвинуваат дека валидаторите во автобусите ги „крадат“ билетите

И покрај тоа што веќе неколку години јавниот градски превоз функционира со сосема нов систем на валидирање на билетите и тој стана рутина, иако на почетокот корисниците беа збунети како ќе се одвива целиот систем на наплата, во последно време граѓаните имаат сериозни обвинувања. Тврдат дека валидаторите на кои ги отчукуваат картичките за да платат билет им ги крадат билетите, односно дека по отчукувањето имаат намален број достапни билети или возења, наместо предвидените според нив.
Овие обвинувања доаѓаат од голем број корисници на јавниот градски превоз. Велат дека им се случува да имаат десет возења, но по отчукувањето да им останат осум, а некои дури и тврдат дека од достапни три возења, по отчукувањето, на валидаторот им се појавило известување дека треба да ја дополнат картичката, затоа што немаат воопшто билети.
– Неколкупати ни се случува тоа и мене и на моите деца. Со дополнети десет возења, по отчукувањето, валидаторот ми покажува дека ми остануваат осум возења. Или јас погрешно ја поминувам картичката на валидаторот, или нешто со овие апарати не е во ред. И на моите деца им се случува истото тоа – вели Благица Богоевска, корисничка на јавниот градски превоз.

Вакви тврдења споделуваат и други редовни патници во градските автобуси.
Од јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ велат дека за сите такви случаи граѓаните треба да се обратат до дирекцијата, каде што секој поединечен случај може системски да се провери.
– Ситуација како посочената не е регистрирана во последниве шест месеци. Ниту еден граѓанин не доставил, пријавил ваков случај до ЈСП-Скопје. Сметаме дека е некоректно граѓаните да нѐ обвинуваат и прозиваат, без притоа проблемот или случајот со валидаторот да се провери и потврди преку систем – информираат од претпријатието.
Оттаму нагласуваат и ги повикуваат граѓаните секој што смета дека е оштетен на ваков начин, да се обрати во дирекцијата на ЈСП-Скопје и да добие детален извештај за сите уплати и валидации на електронската картичка „скопска“.
– Во случај да се утврди пропуст од страна на ЈСП-Скопје, лицето ќе биде соодветно обесштетено – истакнуваат од ЈСП.

Од претпријатието велат дека валидаторите, исто како и возилата, се подложни на редовна проверка и сервис. Во случај на регистриран проблем, одговорната служба реагира соодветно во зависност од природата на проблемот и времето потребно за негово отстранување, по потреба се врши замена на валидаторот и слично.
Оттаму информираат за случај во кој валидаторот бил обвинет дека краде билети, при што било откриено дека на патникот најлесно му било да го обвини валидаторот.
– Минатата недела една госпоѓа реагираше дека на синот на 4.12.2020 му купила/ставила билет од десет возења, а на 7.12.2020 на картичката веќе немало возења. Наведе дека синот ја користел картичката три дена по ред, користејќи јавен превоз од дома до Градскиот парк, по еден автобус во еден правец, односно дека би требало на картичката да има останато четири возења. Откако госпоѓата се пожали во дирекцијата дека валидаторот „крадел“, картичката ја проверивме во системот. Од извештајот беше утврдено дека сите десет возења се потрошени само за три дена, при што првите два дена во два правца (од дома до Градскиот парк и назад) синот користел по два автобуса, значи потрошил осум возења. Откако му го дала извештајот од картичката, синот признал дека не му се чекало десет минути автобус, му се брзало до саканата дестинација, па наместо со еден автобус во два правца, користел по два автобуса – информираат од ЈСП.

Од претпријатието нагласуваат дека во извештајот се наведени термините на купувањето на билетите, локацијата/продажното место на купувањето на продуктот, видот на билетот, терминот на валидација, како и бројот на возилото во кое е извршена валидацијата.

[email protected]