Фото: Дарко Андоновски

Градското дрво, познато како зелен билборд, имаше улога на прочистувач на воздухот, за кој знаеме дека цела зима беше загаден и скопјани не можеа да дишат од ПМ-честичките. А токму овој зелен билборд заменуваше 275 вистински дрвја. Тој, всушност, претставуваше вертикална структура, симбиоза на специфични култури и мовови со васкуларни растенија што јадат ситна прашина ПМ, азотни оксиди и озон, а имаа способност да неутрализираат 240 тони јаглерод диоксид годишно

Од негрижа или несоодветен третман се уништи таканареченото градско дрво, односно зелен билборд, кој имаше функција да го прочистува воздухот. Се исушија тревките на оваа инсталација, лоцирана пред хотелот „Мериот“, за која повеќе домашни и странски фирми донираа 25.000 евра. Проектот „Градско дрво“ го спроведува центарот за истражување и информирање за животна средина „Екосвест“ од Скопје во соработка со германската амбасада и со градот Скопје. Скопјани се сеќаваат дека при неговото поставување се апелираше и другите компании да донираат за да се постават уште вакви билборди низ Скопје. Еден беше поставен во населбата Аеродром и единствено тој остана да функционира, а за него се грижи општината Аеродром. Овој во централното градско подрачје му беше подарен на градот Скопје, кој заедно со ЈП „Паркови и зеленило“ требаше да се грижи за него. Сега граѓаните забележуваат дека тревките на зелениот билборд одамна се исушени и велат дека од него за одмор остана да се користи само клупата.

Парите отидоа во ветер, наместо да се чува тоа што е направено и корисно. И не се во прашање само парите, туку и тоа што токму ова градско дрво имаше улога на прочистувач на воздухот, кој цела зима беше загаден, а скопјани не можеа да дишат од ПМ-честичките. А токму овој зелен билборд заменуваше 275 вистински дрвја. Тој, всушност, претставуваше вертикална структура, симбиоза на специфични култури и мовови со васкуларни растенија што јадат ситна прашина ПМ, азотни оксиди и озон, а имаа способност да неутрализираат 240 тони јаглерод диоксид годишно. Мововите и васкуларните растенија ја привлекуваа и ја фаќаа ситната прашина, а потоа ја претвораа во фитомаса, која ја користеа како храна. Од „Екосвест“ тогаш информираа дека овој растителен филтер го компензира загадувањето од 417 автомобили на годишно ниво и може да се адаптира на секоја животна средина. Тоа значи дека на градов му се потребни многу повеќе вакви билборди за прочистување на загадениот скопски воздух. Проектот „Градско дрво“, всушност, требаше да помогне во борбата против загадувањето на воздухот во Скопје и во Тетово, со можност да се реплицира и во другите градови низ Македонија. Еден беше поставен во Тетово и во почетокот тревките му беа украдени.

– ЈП „Паркови и зеленило“ помагаше во одржување на зеленилото на билбордот во општината Центар пред хотелот „Мериот“. Наша обврска беше да носиме вода за полнење на резервоарите секогаш кога ќе ни се јавеше и ќе побараше од нас невладината „Екосвест“, а тоа и го правевме – велат од ЈП „Паркови и зеленило“.
Од градот не ни одговорија на нашето прашање зошто пропадна градското дрво. Но јасно е дека неодговорноста и негрижата доведоа до тоа зелениот билборд да биде уништен. Тоа е исто како да биле уништени 275 вистински дрвја, за кои не ни било грижа, а правиме акции за садење нови дрвца. Ете на Величетврток имаше една таква акција за засадување 150 садници, како дел од акцијата за борба против загадувањето на воздухот и заштита на животната средина на која покрај градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, учествуваа министрите за одбрана и животна средина, Радмила Шекеринска и Јани Макрадули. Попусто е на едно место да уништуваме, а на друго да кажеме дека нешто правиме. Во земјите каде што властите одговорно се однесуваат кон ваквите проекти тие живеат и се чуваат. Вакви зелени билборди имаат и некои од поголемите градови низ светот како во Берлин, Дрезден, Париз, Осло, Хонгконг, но тие секако се грижат за нив, бидејќи знаат колку се значајни за прочистувањето на воздухот.

Овие инсталации благодарение на соларните панели и системот за фаќање на дождовните води, се речиси самоодржливи, бидејќи е потребно сервисирање од само неколку часа годишно.

[email protected]