Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од ЈП „Водовод и канализација“ честопати упатуваат апели и спроведуваат информативни и едукативни кампањи, со кои повикуваат на совесно однесување на граѓаните, за да се заштитат водоводниот и канализацискиот систем, но тоа како да не допира до несовесните граѓани, кои и натаму фрлаат сѐ и сешто во шахтите и сливниците

Несовесно се однесуваат граѓаните што фрлаат сѐ и сешто во шахтите и во сливниците на улиците. Со тоа не само што им создаваат проблеми на своите сограѓани туку им отвораат и дополнителна работа на екипите на ЈП „Водовод и канализација“, кои наместо да сработат нешто друго, мора по неколкупати да се враќаат на истата работа и да ги чистат шахтите од секаков отпад. Наполнетите шахти и сливници со отпад по секој обилен дожд не можат да ја апсорбираат атмосферската вода, со што се полнат улиците, а тоа им создава тешкотии на скопјани. Вработени во угостителските објекти во Дебар Маало потврдуваат дека екипите на „Водовод“ многупати доаѓаат за да чистат шахти по улиците.
Вработен во локална сендвичарница вели дека често ги гледа вработените од ЈП „Водовод и канализација“ како чистат шахти во Дебар Маало и не може да се изначуди кога ќе види што сѐ водоводџиите вадат од нив, а тоа вели дека е одраз на несовесноста и некултурата на поединци, кои своето однесување воопшто не го приспособиле на градските услови. Она што вчудовидува во случајов, смета тој, е проблемот што фрлањето секаков отпад по сливниците и шахтите не е само случај во Дебар Маало туку и во многу други градски населби.
Од ЈП „Водовод и канализација“ велат дека она што се полни во шахтите и сливниците поради природни појави не можат да го спречат, но затоа барем граѓаните треба да внимаваат и да се одвикнат од лошата навика за фрлање секаков отпад во канализацијата.

– Проблемот со отпадоци во сливниците и затнати шахти со разни предмети, за жал, е честа појава, која се случува речиси во сите делови на градот Скопје. Лошата навика на граѓаните да фрлаат отпадоци по улиците несомнено доведува до полнење на сливниците, каде што исто така се собираат и листови од дрвјата, кои се слеваат во сливниците особено по дождливи периоди. Природните појави не можеме да ги спречиме и секогаш се реагира соодветно за чистење на сливниците и за одржување на нивната функционалност на целата територија на градот Скопје. Она што е загрижувачко е лошата навика на луѓето да ги фрлаат таканаречените џебни отпадоци по улиците, што предизвикува не само проблеми со полнење на сливниците туку и загадување на средината во која живееме сите. Затнувањето на шахтите, односно системот за одведување урбани отпадни води е проблем од поголем размер, бидејќи затнувањето е предизвикано од отпад што не треба да се фрла во канализацискиот систем – влажни марамчиња, пелени, кујнски прибор, облека, ќебиња, покуќнина, како на пример столови и слично, како и кабаст отпад – вели Катерина Вељановска Михаилов, виша соработничка за меѓународна соработка и проекти од Секторот за меѓународна соработка, проекти и односи со јавност во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
Од претпријатието велат дека честопати упатуваат апели и спроведуваат информативни и едукативни кампањи, со кои повикуваат на совесно однесување на граѓаните за да се заштитат водоводниот и канализацискиот систем, а со тоа и животната средина.

Граѓаните многупати и сами пријавуваат во ЈП „Водовод и канализација“ затнати шахти и сливници, на што од претпријатието одговараат со испраќање екипи на терен.
– Одржувањето на системот за одведување отпадни води, како и на системот за атмосферска канализација е континуирано и постојано, за негово непречено функционирање. Исто така, екипите на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје дополнително излегуваат на терен по дојава за проблеми со затнување на канализацискиот систем и, секако, задолжително по природни појави, како обилни дождови, врнежи од снег и силно невреме – велат од „Водовод и канализација“.
Од претпријатието додаваат дека работата и обврските на ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје се во служба на граѓаните, а екипите на претпријатието дејствуваат по секој проблем или нивна потреба. Во секој случај, оттаму велат дека би било подобро кога не би се соочувале со проблеми настанати како резултат на несовесно однесување, бидејќи проблемите од тоа се на штета не само на претпријатието туку и на самите граѓаните и средината во која живееме сите.