Се додека не изберат претседател на Судскиот совет, судиите не можат да земат плати. Претседателот на државата Стево Пендаровски денес порача дека ситуацијата час поскоро мора да се реши оти фрла темна дамка на европското и демократско досие на земјата.
– Она што го знам и што претставува посебен проблем е што претседателот на Судскиот совет, кој и да е, по словото на законот е и претседател на Судско-финансискиот совет, што значи ако немате претседател на Судски совет, народски кажано нема кој да потпише решенија за судиите да земат плата. Таа ситуација мора час поскоро да се реши, не само заради платите на судиите, туку затоа што тоа фрла таква темна дамка врз целото европско и демократско досие на Република Северна Македонија, што не се случајни реакциите што ги видовме деновиве и од Европската Унија и од Американската амбасада. По она што го знам, а дојдоа тие реакции и до мене од средбите со амбасадори, тоа се најжестоки критики за состојбите во македонскиот правосуден систем од 1990 година до денес – рече претседателот Пендаровски.
Оспоруваното разрешување на Весна Дамева од функцијата претседател на Судскиот совет и двата неуспешни обиди за избор на нејзин наследник, Пендаровски ги опиша како немили сцени кои години наназад не сме ги имале.
– Не паметам дека години наназад во Македонија сме имале толку непријатни сцени поврзани со сферата која и инаку е жестоко критикувана, со право, и од каде што најчесто, за жал, ни доаѓаат негативни вести. Тоа беше една ситуација, една сцена која не смее да се дозволи во една држава која преговара со Европска Унија и утре сака да биде членка во тој клуб каде што се најголемите демократи во светот – рече претседателот Пендаровски.
По разрешувањето на Дамева минатата недела, за вчера Судскиот совет имаше закажано втор обид за избор на претседател, но седницата без образложение беше одложена.
Судскиот совет и минатата недела кога ја разреши Дамева, а не избра нов претседател, како и оваа недела, добива критики дека седницата не се случува оти нема мнозинство, а со одлагањето се остава простор за влијание врз членовите.