Сите отворени прашања на Балканот потенцијално претставуваат ранлива можност за влијание преку кое може да се изврши дестабилизација на регионот, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска на денешната прес-конференција на министрите од земјите-членки на САД-Јадранската повелба.
Според министерката Петровска, токму ваквиот тип на иницијативи и не само оваа, туку повеќето регионални иницијативи во коио земјава учествува и активно придонесува, се механизам како земјите од Западен Балкан да седнат на иста маса и да разговараат за своите европски и евроатлантски перспективи.
Земјите од Западен Балкан имаат многу слабости кои се детектирани, вели Петровска, но клучната разлика помеѓу Русија и САД како стратешки партнер не само на А5 иницијативата, туку и на земјите од регионот е што западните демократии, нашите сојузници ни помагаат тие слабости да ги надминеме, додека некои други земји ги злоупотребуваат за дестабилизација и за отворање нови конфликти.
Помошничката на секретарот за одбрана на САД за меѓународни безбедносни работи, Селест Валандер, на заедничката прес-конференција, посочи дека предизвиците со кои се соочуваат Соединетите Држави се кампањите за дезинформација од страна на Руската Федерација.
Валандер вели дека Руската Федерација, како и организациите кои ги поддржува, постојано се трудат да најдат разлики во политичките ставови во земјите од Западен Балкан, со цел да создадат судир што Русија би можела да го искористи, без оглед дали станува збор за дејства или активности кои се непосредно опасни за граѓаните на земјите или преку создавање на политичко влијание кое што Русија би можела да го искористи.
Според Валандер, цел на руски кампањи за дезинформации не се само земјите од Западен Балкан. Таа вели дека и Соединетите Држави се соочуваат со овој предизвик, бидејќи како што рече, Вашингтон беше цел на кампања за дезинформации која што беше фокусирана на демократските изборни процеси во 2016 и 2020 година.
-Повторно очекувам овие организации да се обидат да најдат начин и да создадат таков вид на дестабилизација во изборите во САД во 2024 година. Земајќи ја во предвид загриженоста за нашата безбедност и загриженоста за безбедноста на нашите партнери, ние сме убедени и го поддржуваме фактот дека единствените луѓе и граѓани коишто треба да донесуваат одлуки во однос на тоа кој треба да биде нивниот следен лидер и во каков вид на сојузи ќе пристапат и во која насока ќе се движи просперитетноста на нивната држава, тоа се само граѓаните на земјите – истакна Валандер и додаде дека кога станува збор за земјите од Западен Балкан, САД се подготвени и работат со сојузниците и партнерите во борба против ваквите видови на дестабилизации преку користењето на сајбер платформи, со цел да се постигне поголема безбедност и сигурност за земјите коишто го заслужуваат тоа.