Фото: „Нова Македонија“

Нутриционистички препораки за што поуспешно справување со високите температури

Експерти нутриционисти предупредуваат на особено внимание при консумирањето храна и пијалаци, бидејќи тие се исклучително битни при терморегулацијата и намалувањето на стресот на телото од високите температури.
Значи, особено е важно да внимаваме што пиеме и што јадеме, особено ако не можеме да избегнеме изложување на високи температури

 

Се препорачуваат помали почести оброци за да се избегне преоптоварување на дигестивниот систем! А за пиење, експертите нутриционисти препорачуваат често внесување вода, дури и ако не се чувствува жед!

Метеоролошките предупредувања и препораките за внимателност поради високите температури што се очекуваат до крајот на неделава станаа секојдневие. Здравствените ризици кај ранливиот дел од популацијата (повозрасни лица, трудници, срцеви болни и други реконвалесценти, децата итн.) се зголемуваат, па на таа група граѓани им се препорачува да останат во разладени средини. Но, истовремено, експертите предупредуваат на особено внимание при консумирањето храна и пијалаци, бидејќи тие се исклучително битни при терморегулацијата и намалувањето на стресот на телото од високите температури.

Значи, особено е важно да внимаваме и што пиеме и што јадеме, особено ако не можеме да избегнеме изложување на високи температури.

Пијте вода дури и ако не чувствувате жед

Бидејќи телото се лади со потење, особено е важно да се надомести водата што се губи на овој начин. Освен вода, телото губи и разни соли и електролити преку потење. Експертите нутриционисти препорачуваат често пиење вода, дури и ако не се чувствува жед.

Дали знаете дека кокосовата вода или спортските пијалаци можат да помогнат за замена на изгубените електролити (но внимавајте на содржината на шеќер во нив)? Ладните билни чаеви без кофеин, како што е чајот од камилица или нане, се освежувачки и помагаат во хидратацијата. Природните сокови без додаден шеќер, особено оние од овошје или зеленчук богати со вода, како што се лубеница, краставица или портокал, исто така се одлични за хидратација.

Изотоничните пијалаци со електролити може да бидат и подобри од водата при топло време, бидејќи тие ефикасно ги заменуваат изгубените електролити со елементи како натриум, калиум и магнезиум, кои се неопходни за одржување на рамнотежата на течностите и правилната мускулна функција. Исто така изотоничните пијалаци често содржат мали количества шеќер, што може да му помогне на телото побрзо да ги апсорбира течностите.

Вода да се пие и до два литри дневно

Нутриционистите препорачуваат да се пие разладена вода (не претерано студена), од еден до два литра дневно. Тоа е најдобриот начин телото да се освежи.
– Најдобар избор налето дополнување на течностите се изворската и минерална вода, незасладените чаеви и изотоничните пијалаци. Налето обично посегнуваме по ладни пијалаци, но уште подобро ќе се оладиме ако пиеме течности на собна температура или ако консумираме топли чаеви и пијалаци. Во земјите каде што жештините не престануваат во текот на годината, традиционално се пијат топли чаеви – препорачуваат експертите нутриционисти.

Медитеранската исхрана е идеална за жештините

Сѐ повеќе научни истражувања ги потврдуваат придобивките од медитеранската исхрана и дека токму таа исхрана се смета за идеална и проверено функционална за човековото тело за време на летните горештини.
– Не се само рибата и маслиновото масло медитеранска храна. Медитеранската исхрана се и свежото овошје и зеленчук и вклучувањето многу житарки, особено од цели (интегрални) зрна, и млечни производи со малку маснотии. Збогатувањето на оброците со свежи зачини може да придонесе не само за превенција од болести, објаснуваат нутриционистите, туку и за добра терморегулација.
– Налето, за време на топлите денови, телото природно бара храна што е лесно сварлива, богата со вода и минерали што се губат со потење, со повеќе влакна и помалку масти и протеини. Сол, сувомесни производи и пржени мрсни јадења се храна што треба да се избегнува. Свежите овошни сокови и ферментирани млечни производи со ниска содржина на маснотии се корисни извори на ензими, пријателски бактерии, влакна и витамини и минерали – истакнуваат нутриционистите.

Можеме да се хидрираме и со храна – со избирање храна богата со вода. Примери за овошје богато со вода се, меѓу другото, лубениците, дињите, портокалите, јагодите, грозјето итн. Зеленчукот богат со вода вклучува, меѓу другото, краставици, домати, тиквички, целер и пиперки. Поради сето горенаведено, за време на летните горештини се препорачуваат свежи салати со различен зеленчук и овошје.

Тешките и мрсни оброци во лето ја зголемуваат телесната температура

И млечните производи со ниска содржина на маснотии за топлина ќе го обезбедат потребното количество на вода, минерали и вредни протеини.
– Ферментираните млечни производи со ниска содржина на маснотии се корисни извори на ензими, пријателски бактерии, влакна и витамини и минерали. Гаспачо и ладни супи можат да бидат и освежителни и хранливи во исто време – објаснуваат експертите нутриционисти.

Тешките и мрсни оброци налето ја зголемуваат телесната температура и го отежнуваат варењето, па експертите препорачуваат лесни оброци. Рибата или пилешкото месо се добри извори на протеини без преоптоварување на телото. Се препорачуваат помали почести оброци за да се избегне преоптоварување на дигестивниот систем! Н.М.


Консумирањето алкохол во топло време не се препорачува

Пред сè алкохолот дејствува како диуретик, што значи дека го зголемува излачувањето на течноста од телото преку урината. Тоа може да доведе до дехидрација, што е проблематично при високи температури. Покрај тоа, алкохолот може да влијае на способноста на телото да ја регулира температурата, зголемувајќи го ризикот од топлотен удар или исцрпеност. Најпосле, консумирањето алкохол може да го намали чувството на жед, што може да доведе до дехидрација.

Нутриционистите тврдат дека алкохолните, газираните и засладените пијалаци, како и пијалаците богати со кофеин, освен дехидрација, предизвикуваат и проблеми со несоница.
– Многу од овие пијалаци дејствуваат како стимуланси, па го нарушуваат здравиот ритам на спиење. Затоа ваквите пијалаци треба да ги избегнувате во текот на летото – велат нутриционистите. Н.М.


Умерено внесувајте освежителни ладни десерти и кафе

Во лето е популарно да се јадат освежителни ладни десерти, како сладолед и ладно кафе.

Сладоледот може да обезбеди моментално ослободување од топлината, но треба да се консумира умерено. Имено, повеќето сладоледи содржат висок процент на шеќер, што може да придонесе за нагли промени во нивото на шеќер во крвта. Шеќерот исто така може да го зголеми излачувањето течности од телото преку урината. Понатаму, може да предизвика зголемена жед бидејќи на телото му треба повеќе вода за да го метаболизира шеќерот. Конечно, храната богата со шеќер може да го оптовари дигестивниот систем, што може да биде особено неповолно за телото што веќе се бори со високите температури.

Тоа важи и за леденото кафе. Меѓутоа, освен шеќер, тоа содржи и кофеин, кој може да дејствува како диуретик, иако во помала мера од алкохолот. Затоа, експертите препорачуваат поздрави алтернативи, како што е замрзнатото овошје. Н.М.


Одредени намирници штитат од УВ-зрачење

Исхраната богата со овошје и зеленчук во лето може да помогне да се заштити кожата од сонцето.
– Во своето истражување британски научници докажаа дека луѓето чија исхрана се базира на овошје и зеленчук имаат поздрава и посветла кожа и поубав тен. Овој ефект првенствено им се припишува на каротиноидите, црвеникаво-портокалови пигменти чиј најпознат извор се морковите, но исто така и на кајсиите, дињите, зелениот листен зеленчук и праските. Каротиноидите исто така играат важна улога во заштитата на ткивата од УВ-зрачење. Каротиноидите лутеин и зеаксантин од зелениот листен зеленчук, како спанаќ и блитва, и од пченката се издвојуваат како заштитници на очите од сонцето – велат експертите.

Нутриционистите препорачуваат и брокула, бриселско зелје, карфиол и зелка, кои содржат високи концентрации на активните фитохемиски глукозинолати, кои се метаболизираат во телото во моќни антиканцерогени соединенија. Бобинките се исто така високо на листата на корисни намирници поради нивното поволно влијание врз здравјето на кожата. Н.М.