Фото: Фејсбук

Поддршката што универзитетите ја имаат од Министерството за образование и наука не само што ќе продолжи, туку и ќе се унапредува. Високото образование и науката, се чести теми на владините седници, затоа што нашите заложби за забрзан развој ги темелиме на вложување во човечки ресурси, истакна ресорниот министер Јетон Шаќири, обраќајќи се на седницата на Инеруниверзитетската конференција во Охрид.

Шаќири, како што соопшти Министерството за образование и наука, втор пат учествува на Интеруниверзитетска конференција со цел одржување лична комуникација и изнаоѓање ефективни решенија за предизвиците, преку инклузивен пристап.

– Продолжува поддршката и во сферата на науката. Финансиската рамка за поддршка на проектите на јавните научни установи од посебен интерес за државата како и за набавка на лабораториски ресурси, е тригодишна. Веќе се префрлуваат средства по овој основ. Планираните, речиси 250 милиони денари, ќе бидат реализирани. Од вас очекувам да го оправдате вложувањето на државата-истакнал Шаќири.

Интеруниверзитетската конференција е јавно правно тело составено од ректорите на универзитетите, претседателите на студентските парламенти на универзитетите, наставно-научни работници и еден член избран од редовите на директорите на самостојните високообразовни установи.