Јазикот претставува еден од клучните елементи за историскиот континуитет на една нација. Зад секој пишан збор, зад секоја напишана книга се крие приказната на оние кои живееле пред нас, и се овековечуваат важните настани во државата, порача министерот за образование и наука, Јетон Шаќири на денешната манифестација по повод Отворени денови на Институтот за македонскиот јазик.
Министерот Шаќири во своето обраќање истакна дека вложувањето во младите и во образовниот систем бара взаемна соработка.
– Постојаното негување бара и постојано заедничко вложување и соработка. Во таа насока особено среќен сум што функционира Националниот совет за високо образование и научно-истражувачка дејност каде заеднички поставуваме прашања, дебатираме и нудиме одговори, сè со цел унапредување на високото образование и интензивирање на научно-истражувачката дејност. Воедно, од минатата година значително се зголемени износите на стипендиите, можност да конкурираат за стипендии и оваа година ќе имаат и студентите на втор и на трет циклус студии. Со сет политики и мерки ја поддржуваме научно-истражувачката работа и создаваме услови за мобилноста на наставниот кадар, а нашите заложби за поттикнување на академското образование се темелат на јасна претстава за важноста на човечкиот капитал во обликувањето перспективна иднина – рече Шаќири.
Додаде дека стратешка цел на Министерството за образование и наука и на Владата е поддршка на квалитетно и инклузивно високо образование и подобрување на студентскиот стандард.
– Нашите чекори водат кон една цел, а тоа е да изградиме систем кој обезбедува континуиран развој на високото образование и наука. Како институции на државата ние континуирано се трудиме на младите во Република Северна Македонија да им помогнеме да го изодат нивниот најважен пат кон академскиот свет – посочи министерот во своето обраќање.
Изрази задоволство од успешното работење на Институтот за македонски јазик.
– Здоволен сум што Институтот бележи континуиран напредок, и денеска има со што да се пофали. Ова е особено значајно за мотивираноста на студентите кои ја имаат најважната улога, а тоа е да продолжат да се грижат за опстанокот и развојот на нашиот јазик. Затоа, уверен сум дека Институтот ќе продолжи со посветеноста и со успешната подготовка на стручни кадри, кои ќе бидат столб на македонскиот јазик и култура – порача министерот Шаќири.
На настанот присуствуваше и се обрати и премиерот Димитар Ковачевски.