Фото: Архива

Работата на домашните капацитети ќе биде клучна во справувањето со енергетската криза и се очекува тие да бидат максимално искористени, според најавите од Владата и од експертите од полето на енергетиката, кои пак не предвидуваат ниту значително поскапување на цената на струјата, откако нејзината цена бележи намалување на берзите. Домаќинствата, малите потрошувачи и дел од слободниот пазар во текот на зимата ќе бидат снабдувани со домашна електрична енегија, со што Македонија нема да зависи од други држави, туку се подготвува сама за целосно домашно производство на струја, како што истакна министерот за економија Крешник Бектеши изминатиот викенд.

Во светот, вели проф. Славе Арменски, 21 отсто од струјата се произведува од природен гас, а останатиот дел од централите произведуваат од јаглен, тие се атомски, го користат ветерот…

– Цената на струјата е зголемена поради цената на природен гас и сите прифаќаат поскапа струја. Мислам дека нема да оди многу високо цената. Ние прво мора да ја пуштиме ТЕЦ „Неготино“, да обезбедиме мазут. Ако работи ТЕ-ТО и РЕК „Битола“ 1 и 2, не би требало да има криза. Ако го сопрат гасот може да има пореметување, но не може да оди цената по 1.000 евра по мегават. За 20 е зголемена цената на гасот, користат трговците со струја. Не очекувам дека драстично ќе скокне цената на струјата – вели Арменски.

Според универзитетскиот професор Антон Чаушевски, треба да се овозможат средства за набавка на енергенси – јаглен, мазут и природен гас за термоцентралите и топланите. Тој додава дека веќе се направени одредени договори со набавувачи од соседните земји и се очекува Владата да излезе со конкретни податоци.

– Што се однесува до снабдувањето со електрична енергија во зимскиот период кој следува, максимално ќе се ангажираат домашните капацитети со обезбедени количини гориво, што се однесува на трите блока во ТЕЦ „Битола“, ТЕЦ „Осломеј“, ТЕЦ „Неготино“ и ТЕ-ТО Скопје. Хидроелектраните се во добра кондиција, но се зависи од количините вода во акумулациите. Исто така се прават напори за обезбедување увозна електрична енергија по економски прифатлива цена од Србија, Бугарија и Турција, што ќе биде прифатлива и наменета за стопанските субјекти, од 250 до 300 евра по мегаватчас и пониска од берзанската цена. Што се однесува до затоплувањето со централно греење во Скопје, доколку работи ТЕТО Скопје на гас, покрај електричната ќе испорачува и топлинска енергија, но постои и алтернатива на снабдување со централно греење од топланите Исток и Запад на мазут – објаснува Чаушевски.

Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека берзанската цена на електричната енергија е значително намалена во однос на изминатиот период. Во минатото цената на унгарската берза ХУПЕКС која е релевантна за нас беше и до 1.000 евра за мегават час, а сега е под 200 евра, според премиерот. Тој информира дека Министерството за економија во комуникација со компаниите кои се на слободниот пазар на електрична енергија, со што веќе изработи предлог за дел од нив да бидат вратени на регулираниот пазар и да бидат снабдувани директно преку ЕСМ со цена пониска од берзанската. Предвидено е разговорите да продолжат и во текот на неделава за да се изнајде најдобро можно решение за индустријата, а особено за секторот што снабдува со основни прехранбени продукти. М.Ж. – Н.Б.З.