Секогаш ќе има поединци што ќе го злоупотребуваат системот, но важно е што МВР и правосудните институции функционираат. Лицето е откриено, се води истрага и ќе ги сноси сите последици за незаконските активности што ги презело, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, коментирајќи ја истрагата што МВР вчера ја отвори против вработен на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип поради сомневања за манипулации со оценки и испитни бодови.
Јаневска ги охрабри студентите, вработените на универзитетите и факултетите, како и сите граѓани, да пријавуваат вакви незаконски активности.
– Системите на факултетите се електронски, но секогаш има човек што работи на нив. Може да се случи незаконско дејство, но важно е што успеавме да го откриеме. Важно е да го спречиме и да им испратиме порака на сите што би помислиле да направат нешто слично да се откажат од таквата намера. Ова не е прв случај во кој имаме пријави. Секаде каде што сме добиле пријави, постапува Државниот просветен инспекторат, а има и неколку случаи за кои се водат судски постапки. Ќе видиме како ќе завршат. Во овој случај ДПИ нема потреба да постапува, бидејќи постапува полицијата – изјави Јаневска по промоцијата на Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски потврди дека МВР и повеќе негови сектори вчера презеле активности по добиени индиции за можно прекршување на законот од страна на вработен на Универзитетот во Штип.
– Лицето се сомничи дека спротивно на законот преземало дејства за корекција на оценките на студенти на универзитетот. За тоа постојат докази врз основа на кои МВР, по наредба на Јавното обвинителство, ги презеде соодветните чекори. Обезбедивме и дополнителни докази во таа насока. Се надевам дека во продолжението на постапката ќе се потврди теоријата на случај што ја изнесе Обвинителството во соработка со МВР – изјави Тошковски.
Полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Штип, СВР Скопје и Секторот за компјутерски криминал при МВР, по судска наредба обезбедена од Основното јавно обвинителство Штип, вчера извршиле претреси на повеќе локации во Штип и Скопје.
Акцијата е поврзана со сомневања за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“ и „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“, за кои се сомничи Р.Т., раководител на информатичкиот сектор при Универзитетот во Штип.
Според првичните информации, случајот бил пријавен од турски студенти. И претходниот случај во кој професорка беше затекната со обележани пари, за кои постоело сомневање дека биле наменети за давање преодна оценка на турски студент, беше поврзан со пријава од студенти од Турција.
Истрагата ја потврдија и од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Од Ректоратот соопштија дека имаат „нулта толеранција за корупцијата и злоупотребата во академската заедница“ и дека овозможуваат „целосна, неограничена соработка со МВР и надлежното обвинителство за брзо и целосно расчистување на случајот“.
































