Вилма Русковска/Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ова не го сметам за суспензија на Вилма Русковска, ова го сметам за суспензија на правото и суспендирање на правдата, кажа обвинителката по поднесување на жалба на одлуката за нејзина суспензија до Советот на јавни обвинители.

– Без разлика што имаше соопштение дека предметите ќе продолжат со несмален интензитет, по ова што ми се случи нае мене, не верувам дека ниеден колега сериозно ќе продолжи да постапува по истите – смета Русковска.

Таа додаде оти не прашала за која кривична пријава се однесува одлуката за суспензија, но смета оти е за пријавата што против неа ја поднесе в.д. директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми.

– Согласно член 290 од законот за кривична постапка за неа исклучиво одлучува судот, ние како обвинители не можеме да кажеме дали претресот е законит или не. Доколку некој сметал дека претресот е погрешно извршен имал право да вложи жалба до судот – посочи Русковска.

Таа ги повика медиумите да откријат која е позадината на дисциплинската постапка против неа.

– Како обвинител не би сакала да поверувам дека некој политичар или политика стои позади сето ова – нагласи Русковска.

Обвинителката го избегна одговорот на прашањето дали очекува нејзина смена, истакнувајќи дека не би сакала да шпекулира.

– Кога се работи за дисциплинска постапка, според законот за јавно обвинителство најпрво треба од комисијата да ми биде побарано писмено изјаснување, зашто пред неа можам да одговорам и усмено на наводите на предлогот за поведување дисциплинска постапка, по што таа носи одлука по која имам право на жалба до Советот за јавни обвинители – ја објасни Русковска постапката по поднесената жалба.

Републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, врз основа на член 81 од Законот за јавното обвинителство, донесе решение за оддалечување од функцијата на шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Вилма Русковска додека трае кривичната постапка поведена по поднесена кривична пријава против неа.

Јовески, како што информираа вчера од ЈОРСМ, поднел предлог за поведување дисциплинска постапка за утврдување одговорност на тројца јавни обвинители, за кои постои сомнение дека намерно и неоправдано направиле крупна професионална грешка со што сториле тешка дисциплинска повреда.