Фото: Маја Јаневска Илиева

Евроамбасадорот во земјава, Михалис Рокас, изјави дека според преговарачката рамка усвоена во 2022 година, усвојувањето на уставните измени останува предуслов за отворање на пристапните преговори на Македонија со Европската Унија, пренесе МИА.

Одговарајќи на новинарско прашање при посетата на Штип дали француско-германскиот нон-пејпер овозможува отворање на преговорите без измени на Уставот, Рокас рече дека документот ги опишува чекорите кои треба да се исполнат на патот кон почетокот на преговорите.

-Мислам дека прво треба да се усвојат уставните измени за да може да започнат преговорите. Тоа го предвидува преговарачката рамка договорена во 2022 година. Потоа следува меѓувладината конференција и официјалното отворање на преговорите – изјави Рокас.

Тој оцени дека процесот на проширување на Европската Унија е жив, динамичен и итен и ги повика земјите кандидати да не ја пропуштат можноста за членство.

Осврнувајќи се на реформските процеси, Рокас нагласи дека е забележливо забрзување во реализацијата на реформите и посочи дека претседателот на Собранието, Африм Гаши, го информирал дека до крајот на јуни се очекува усвојување на законите предвидени во реформската агенда.

-Нема сомнеж дека постои силно забрзување на реформите. На крајот Европската комисија ќе направи проценка за степенот на нивната реализација, но јас сум уверен дека земјата ќе испорача добри резултати – рече евроамбасадорот.

Во однос на уставните измени, Рокас нагласи дека станува збор за политичка одлука што треба да ја донесат Собранието и политичките партии.

Тој се осврна и на Акцискиот план за малцинствата, оценувајќи дека процесот се движи во добра насока и дека досега се спроведени јавни консултации со учество на граѓанскиот сектор и други релевантни чинители.

-Ние сме на добар пат кон квалитетен акциски план за малцинствата. Овој документ, заедно со патоказот за владеење на правото, претставува предуслов за отворање на кластерот за основни вредности – истакна Рокас.

На прашањето за позициите на Владата во однос на условите поставени од Бугарија, евроамбасадорот нагласи дека во политиката договорите треба да се почитуваат и спроведуваат.

-Она што беше договорено во 2022 година е важно да се реализира. Европската Унија дава силна поддршка и е подготвена да го олесни процесот, но потребен е решителен чекор од страна на македонските власти – порача Рокас.

Тој додаде дека Македонија покажува добри резултати во усогласувањето со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија и оцени дека моментот за напредок на евроинтегративниот пат е присутен.