Фото: З.А.

Деновиве во Кичевско заврши годинешната жетва на житните култури пченица, јачмен, рж и тритикале. Годинава најголеми површини беа засеани под пченица вкупно 624 хектари, додека површините под останатите житни култури беа далеку помали. Приносите на овие култури во кичевскиот регион беа во рамките на повеќегодишниот просек.

– По нешто повеќе од месец дена заврши жетвата на житните култури во нашиот регион. Ожнеани беа 624 хектари засеани со пченица,114 хектари засеани со јачмен, 20 хектари под рж и 18 хектари под тритикале.Сите ожнеани површини припаѓаат на приватниот сектор – истакна раководителот на Подрачното одделение за земјоделие Снежана Софрониеска и ги наведе приносите од хектар од ожнеаните култури.

– Приносите на житните култури беа во рамките на повеќегодишниот просек.Така од хектар пченица беа собрани вкупно 3.800 килограми лебно жито,приносите од хектар кај јачменот изнесуваа 3.000 килограми, кај ржта 2.700 килограми од хектар и во хибридот на тритикале просечно беа собрани по 2.800 килограми од хектар. По завршувањето на жетвените работи на земјоделците им преостанува да ги подготват овие површини за есенска сеидба – додаде Софрониеска.
Засеаните култури ќе беа  многу поголеми, но заминувањето на месното население од северниот регион  во странство, ги остави целокупните обработливи површни необработени. З.А.