фото: Пиксалс

Од октомври прилепчани ќе плаќаат повисоки суми за водата, јавниот градски превоз и комуналните услуги. Ваква одлука беше донесена на 15-та седница на Советот на општина Прилеп.

Од јавните препријатија велат дека се принудени да пристапат кон зголемување на цените на услугите, бидејќи се во незавидна состојба, особено со зголемувањето на цената на електричната енергија, за да можат да функционираат.
– Во моментов сме во незавидна состојба во претпријатието погодени од енергетската и економската криза. Принудени сме да ја зголемиме цената на водата за 20 проценти. Таа е цена што е дадена од РКЕ за 2020 година – вели Рубин Гулабоски, директор на ЈКП „Водовод и Канализација“.
И ЈКП „Комуналец“ во просек за околу 60 проценти ги зголемува цените на комуналните услуги.
– Секоја промена на цената е непопуларна мерка, свесни сме, но принудени сме, со оглед на зголемувањето на цената на нафтените деривати, на цената на електричната енергија, цената на резервните делови, алати и машини што се користат во претпријатието – вели Рубин Абрашоски, директор на ЈКП „Комуналец“.
Од СДСМ Прилеп со реакции за поскапувањата. И на седницата на Советот на Општина Прилеп и преку соопштенија, реагираа дека во време на светска економска и енергетска криза, наместо помош кон граѓаните, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ удираат по џебот на граѓаните.
-Заради неспособноста на кадрите од ВМРО ДПМНЕ, поради масовната партизација на комуналните претпријатија, во Прилеп сериозно поскапуваат сметките за вода и смет, како и јавниот превоз. Се боревме да го заштитиме стандардот на граѓаните, но одлуките за корекција на цените се изгласаа, со што ВМРО-ДПМНЕ покажува дека не се грижи за граѓаните, туку дејствува единствено за партиски и бизнис интереси – обвинија од СДСМ Прилеп.

Ка.М.