Фото: З.А

Очекувањата на граѓаните на Кичево дека за верските празници ќе имаат можност да се снабдат со овошје и зеленчук по пристојни цени не се остварија, бидејќи продажните цени на кичевскиот зелен пазар се исти ако не и повисоки споредено со крајот на месец март. Па затоа сите се прашуваат дали годинава ќе можат да консумираат овошје и зеленчук во доволни количини ако се имаат во предвид цените на овие продукти.

– Очекувавме дека за верските празници Велигден и Бајрам цените на нашиот зелен пазар ќе бидат пониски и подостапни, за да можеме да купиме со овие продукти во пристојни количини. Но нашите очекувања не се исполнија бидејќи цените ниту за еден денар не се намалени во однос на цените во периодот февруари и март. Денес на кичевскиот зелен пазар доматите се продаваа по цена од 130 до 180 денариза килограм, младиот кромид чинеше 80 денари, краставиците можеа да се купат по цена од 80 до 100 денари, но не со најдобар квалитет, ланскиот компир беше по цена од 40 денари, младата зелка по 50 денари од парче, а една марула чинеше 30 денари – истакна Драган Бошкоски еден од редовните купувачи на кичевскиоот зелен пазар.

Продавачите имаат свои аргументи со кои ги бранат високите цени и помалата побарувачка од страна на граѓаните.

– Нашето производство не чини повеќе пари споредено со претходните неколку години, поскапеа сите препарати, горивото и единствена оправданост да ги покриеме трошоците е да продаваме нашите продукти по нешто повисоки цени. Згора на тоа производството во нашиот регион е се помало, а побарувачката еднаква како и претходно, што придонесува цените да останат исти во изминативе два-три месеци. И ние би сакале да имаме поевтини продукти, на тој начин ќе имаме и поголема продажба и се разбира зголемена заработувачка – вели Блаже Ристов, земјоделски производител присутен на кичевскиот пазар.

Разочараноста на граѓаните на Кичево можеше да се забележи и визуелно, бидејќи купуваа во помали количества свесни дека со овие цени не можат да одат во чекор, ако се имаат во предвид нивните приходи.

З.А