Фото: Александар Вучиќ/принтскрин

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денеска, ден пред изборите во општините на северот на Косово, кои се бојкотирани од српските партии, ги повика Србите на Косово да бидат обединети и да покажат дека „не може да не газат“ и дека волјата на српскиот народ на Косово едногласно била да не учествува на тие избори, јави дописникот на МИА од Белград.

Вучиќ ја коментираше и изјавата на портпаролот на ЕК, Петар Стано, кој рече дека е разочаран од одлуката на Србите да не учествуваат на изборите и им порача на Србите од Косово „уште повеќе да ги разочараат“.

-Бев изненаден и вчудовиден кога ја слушнав изјавата на Стано дека е разочаран од неизлегувањето на Србите. Досега сме учествувале во 4 или 5 различни изборни циклуси на властите во Приштина, а не беше потребно ниту во еден од нив пред да се формира Заедницата на српските општини или евентуално само во една да се знае кои се српските општини. Десет години подоцна, за што не е само Приштина виновна, бидејќи тие од ЕУ се гаранти, Србија ја малтретираат, ја пукаат, и таа кажува- нема да одиме на избори додека не го постигнете тоа што го договоривме – рече Вучиќ и додаде „Дали изборите треба да се одржат во станици и полициски контејнери, со 550 луѓе вооружени до заби кои треба да ги обезбедат оние 1 до 2 отсто што ќе излезат? Ги повикувам Србите уште повеќе да ги разочараат, да видат колку сме обединети и дека не можат да не газат“.

Вучиќ праша и дали портпарол на ЕУ има барем малку срам. Тој рече дека одлуката на Србите од Косово е да не учествуваат на изборите и дека тоа не е наметнато од Белград и додаде дека „мене да ме прашаа до последниот ден ќе мерев што е помалку лошо за нас“.

-Ние сме во тешка ситуација, но волјата на нашиот народ беше таква што тие речиси едногласно донесоа одлука да не учествуваат. Така одлучи нашиот народ од северот. Утре мирно и одговорно и со презир ќе гледаат на оние кои ќе бидат довлечени од Јужна Митровица да гласаат и да изберат власт во Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ – рече тој.

На прашањето што ќе се случи откако ќе се одржат изборите и ќе се формира власта во општините на северот на Косово, Вучиќ рече „ништо, целосна окупација на која луѓето се подготвени, навикнати и научени“.

– Ќе бидат мирни, ќе плаќаме плати како досега, ќе го подигнеме социо-економскиот стандард и ќе чекаме подобри времиња во кои ќе важи повелбата на ОН, во кои нема да се срамат од договорите што ги потпишаа и во кои не би потпишувале договори само за да и дадат време на другата страна да се справи со првата, а ние не сме ниту прв пример во светот, како што гледате – рече Вучиќ.

Српскиот претседател одговарајќи на новинарски прашања во Батајница, и порача на опозицијата да собере доволен број потписи за референдум за негова смена, бидејќи е подготвен за тој референдум, а потоа во исто време ќе се одржат и избори.