Врз основа на донесената одлука на Советот на општина Маврово и Ростуше, турското знаме поставено е на јарбол пред општинската зграда во Ростуше, со што испочитувана е волјата на турска заедница, која е најмногубројна во општината, објави на Фејсбук огранокот на Демократската Партија на Турците за оваа општина.
– На иницијатива на членот на Советот на општина Маврово и Ростуше, Сеадин Сејдију, кој е избран од редовите на Демократската партија на Турците во Македонија (ТДП), пред административната зграда на општина Маврово и Ростуше, покрај македонското, поставено е и турското знаме, кое претставува национален симбол на најбројната етничка заедница во општината – стои во објавата.
Се додава дека според резултатите од последен попис во Македонија спроведен во 2021 година, турската етничка заедница е најмногубројна во општина Маврово и Ростуше.
– Демократската Партија на Турците во Македонија (ТДП) како и секогаш така и во иднина ќе работи во интерес на сите граѓани во општината, и ќе се залага за правда и развој подеднаков за сите – се нагласува во објавата.