Фото: З,А

Иселувањето на младите од Кичево и нелојалната конкуренција, се двата најгорливи проблеми со кои се соочуваат сопствениците на авто-такси компании од градот. Дополнително состојбата драстично се влоши последните две
– три години поради пандемијата со ковид 19, кога работата се намали, а со тоа и платите на вработените и приходите на сопствениците, па оваа професија стана помалку популарна и се подалеку од времето кога за работа се чекаше на ред.

– Бројот на такси компании во нашиот град, кои поседуваат валидна лиценца, последните три до четири години бележи надолен тренд. Спротивно на тоа се зголеми бројот од дивите таксисти, кои ни го намалуваат обемот на работа, а со тоа и приходите, што придонесе интересот, пред се на помладите за работа драстично да опадне, што од друга страна кај нас легалните сопственици на такси превоз е причина за уште поголема загриженост. Ако наскоро не се промени оваа состојба, сигурен сум дека за релативно краток период уште повеќе ќе се намали бројот на легални такси компании односно, дел ќе престанат да се занимаваат со оваа дејност – вели Драган Спироски од здружението на авто-такси превозниците од Кичево.

Тој посочува дека во неколку наврати во соработка со првите луѓе од ПС Кичево, се обиделе да ја променат состојбата со дивите таксисти, но нивните напори не вродиле со плод.

Тој го потенцира и дефицитот на работници кој од година на година е се поизразен и посочи дека нема да помине уште многу време, кога и воопшто ќе нема заинтересирани за работа во такси превозот.

– Во последно време наш најголем проблем претставува дефицитот од работници. Главните причини се иселувањето на младите во странство, а тој тренд зема се поголем замав, што е видливо кога ќе прошетате низ градот, каде речиси нема да сретнете млади во полна работна здрелост. Исто така дефицитот на работници го предизвика и фабриката за зашитни перничиења „ Џојсон“, каде редовно се ангажирани над 1300 работници, па дури има наши сограѓани кои се вработија во слични фабрики во Охрид и Струга. Кога ќе се соберат сите проблеми, навистина има место за загриженост – додава Спироски.

Намалувањето на приходите во компаниите се одрази и врз се постариот возен парк со кој располагаат истите, што го потенцираат и граѓаните кои често за превоз ги користат овие возила.

З.А