фото: Зоран Антоски

Реконструкцијата на градскиот плоштад во Кичево што започна пред една година, а поинтензивно се работи последните неколку месеци, е при самиот крај.

Вработените на компанијата „Ас Сењак“ – Кичево како главен изведувач и компанија од Куманово како подизведувач, изминативе три месеци интензивно работеа на поставување на новите мермерни плочи на целата површина на плоштадот, кој се протега на повеќе од 4500 метри квадратни.

– По тримесечна интензивна работа реконструкцијата на градскиот плоштад во Кичево е на самиот крај и ни преостанува поставување на мермерни плочи на помалку од стотина метри квадратни. Се работи за голем проект кој бара голема стручност и ангажман на вработените од компанијата „Ас Сењак“ од Кичево како главен изведувач. Покрај што привршува поставувањето на мермерните плочи во повеќе бои, поставени се безмалку и сите канделабри кои во вечерните часови овозможија градскиот плоштад да блесне со полн сјај. Деновиве се работи и на поставување на урбана опрема – клупи за одмор на граѓаните, а се врши и хортикултурно уредување на сите делови на плоштадот, а како најобемен дел е оплеменувањето на 20 вертикални жардињери – истакна Љупче Матески од компанијата-изведувач.