Фото: МИА

Центарот за управување со кризи попладнево соопшти дека по обилните врнежи од дожд во Виница како поплавени се пријавени 30 до 40 објекти.

На терен интервенираат од ЈКП „Солидарност“ Виница со една пумпа и двајца вработени, ТППЕ Виница со две пумпи и четворица пожарникари и од ТППЕ Кочани со три пумпи и шест пожарникари.

-Во моментов нема потреба од дополнителна помош и опрема, се наведува во иформацијата што ЦУК ја објави на Фејсбук.

Во Малешевијата се санираат штетите по вчерашното невреме. Во Пехчево екипи на Јавното комунално претпријатие работеa на расчистување на остатоците од невремето на патот до туристичката населба Равна Река, каде најмногу од обилните врнежи и надојдената вода настрада патната мрежа која води до оваа населба.

Фото: МИА

-Со механизација успеавме да исчистиме дел од наносите на патот, но сепак има доста штета која во моментот не може да биде саниранa. Имаме прекинати цевки од водоводната мрежа, искинати кабли и друга штета која дополнително ќе биде утврдена, велат од пехчевското комунално претпријатие.

Во Берово во поплавите најмногу штета беше предизвикана од надоаѓањето на Клепалска Река.

Фото: МИА

-Кај оваа месност настрада патната мрежа, поради што неколку часови патниот сообраќај беше во прекин. Имаме штета и на мостови, меѓу кои најоштетен е мостот кај м.в Абланица, информираа од Општината. Наведуваат дека се работи на делумна санација на штетите на оние места каде тоа е можно.