Фото: З.А

Голем број од жителите на Кичево топлото време го користат да ги разубават своите домови, да ги варосаат и во чисти простории даги дочекаат есента и зимата.

Еден од се поретките мајстори задолжен за оваа работа е Миле Војнески- Јаперот, кој во изминатиот половина век нема куќа или стан каде барем еднаш не стапнал.

Тој секојдневно има повици од граѓани кои сакаат да го ангажираат за варосување на своите домови.

-За половина век работа во молерскиот занает, сум посетил многу домови и сум се сретнал со разни луѓе. Нивните барања се различни, од поединци кои се задоволни како и да е сработено, до специфични луѓе кои имаа многу посебни барања, т.н. перфекционисти. Нашиот занает е од сезонски карактер и најголемиот ангажман го имаме во текот на летото, кога се случува во само еден ден да бидеме побарани од поголем број муштерии – вели Миле.

– Нашите сограѓани претежно варосуваат од јуни до септември и ретко кој тоа го чини надвор од овој период. Некои тоа го практикуваат секоја година, други варосуваат на две до три години, а помал број на граѓани претежно постари жители тоа го чинат на 4-5 години – додава Миле.

Тој појаснува дека најголем притисок во работата има од средината на јули до средината на август кога тука се печалбарите и повеќето од нив имаат намера пред да се вратат во земјите каде што работат да ги „изгланцаат“ своите домови и притискаат што побрзгу да ги средиме нивните домови, нагласувајќи дека околу наплатата на работата повеќето граѓани се коректни, мал е делот од нив сакаат да им се вароса „на вересија“ односно да платат покасно, а има и такви, кои со години ги немаат подмирено обврските.

Миле е песимист и не гледа дека овој занает има блескава иднина во градот и земјава.

-Иднината на овој занает е неизвесна, бидејќи нема многу млади кои сакаат да се занимаваат со молерскиот занает. Како и за повеќето занаети така и за молерскиот има се помалку интерес кај младите кои имаат желба да тргнат по нашите стапки. Се трудам да му го пренесам занаетот на мојот син и од него ќе зависи дали во целост ќе ме наследи или не – заврши по малку разочараниот мајстор Миле.

З.А