Нова влада е подобра од какви било нови нефункционални комбинации, смета пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски.
– Според мене, власта беше делегетимирана уште на локалните избори. Тоа беше јасно изразено. Гледаме дека сега власта е делегитимирана од стопанска гледна точка, сметам дека стопанските комори и вработените во приватните претпријатија, секој ќе ви каже дека справувањето со кризата, регионално гледано, во Македонија се врши на најнесоодветен можен начин и затоа сметам дека нова влада е подобра од какви било нови нефункционално комбинации – изјави Милошоски.
По однос на можна широка коалиција, негово лично мислење е дека се помалку политички субјекти или пратеници имаат желба или, како што вели, „намера да влезат или да се качат во бродот што тоне“ и е управуван од премиерот Димитар Ковачевски, кој нема сериозен план за енергетската и економската криза која што секојдневно прави се поголеми штети.
За стабилноста на парламентарното мнозинство, Милошоски потенцира дека примерот со пратеникот Кастриот Реџепи е најдобар показател дека во парламентарното мнозинство нема борба за европски вредности стандарди и реформи, туку има борба за поголемо влијание власт или за позиции.
– Тоа е примерот и на Катстриот Реџепи и на внатрешните превирања во ДУИ. Не би ги коментирал и сами нека одлучат како ќе завршат тие внатрешни превирања но очигледно е дека борбата за власт и за позиции е поважна од напорот власта да понуди некои реални решенија за подобро надминување на оваа криза – рече Милошоски.
Тој денеска изјави дека е бесмислено да се бара подршка за закони кои не се доставени во Собранието. Милошоски како реакција на барањето на пратениците од власта за поддршка за закони за излез од кризата и прекинување на активната блокада, рече дека несериозно е одржувањето на вонредна прес-конференција на премиерот Димитар Ковачевски на 28 септември, а до денеска тие закони да ги нема во Собрание.
– За разлика од неодговорноста на власта, ние како пратеничка група следниот ден на 29 септември, предложивме закон за измени на Законот за енергетика, преку кој училиштата и јавните претпријатија и болниците би биле на регулираниот пазар и сакаме да се интервенира што побрзо, но за жал владејачкото мнозинство иако законот е само три члена една недела се уште не замајува дека се преведува предлог законското решение на ВМРО-ДПМНЕ. Односно одолговлекува затоа што власта не е способна да ги достави до Собрание предлог-законите за кои Ковачевски кажа дека се итни и бара поддршка, а од нив нема ни трга ни глас во собраниските архиви. Тоа е бесмислено да се говори за закони кои не се доставени во Собранието – рече Милошоски.
За законот за заем од ЕБОР, предупреди дека неколку пати како опозиција кажале дека се сомневаат во трошењето на средствата коишто Владата го прави од вакви заеми, за што имало и објави во медиумите.