фото: Зоран Антоски

Пред голем број почитувачи, претставници на Боречката организација, политички партии и локални жиели, денес пред споменикот во село Кленоец беше одбележана 81 година од славната Битка кај Кленоец, во која животот го положиле дури 67 партизани, меѓу другите и народниот херој Јосиф Јосифоски-Свештарот.

Беа положени букети свежо цвеќе пред споменичното обележје каде на една мермерна плоча се изгравирани имињата на сите паднати борци во оваа битка.

фото: Зоран Антоски

Откако беа положени букети свежо цвеќе на присутните им се обрати претседателот на боречката организација Владо Дејаноски.

– Македонскио народ долго го очекувал слободарскиот ден. Револуционерите од кичевскиот крај несебично се приклучиле во одбрана на татковината во Втората светска војна давајќи го својот придонес кон партизанското движење. Офанзивните акции во реонот на село Кленоец започнале на 5-ти октомври 1943 година. Борбата започнала рано изутрина на 6-ти октомври, борбите биле жестоки и траеле сѐ до вечерта кога дошло до мало затишје. Тоа овозможило одбраната на Кленоец да биде пробиена, а за време на борбите биле заробени 13 партизани од одредот Славеј, кои поради тоа што останале без муниција, биле заробени од балистите и еден по еден ликвидирани. Партизанскиот отпор бил скршен, а нивните непријатели го искористиле моментот и на сите страни посеале страв вршејќи ѕверства врз локалното население додека село Кленоец било запалено – истакна претседателот.

З.А.