Фото: З.А

Од почетокот на оваа недела, па се до 14 јануари кога православните христијани ја слават Старата Нова Година, во Кичево ќе се одржува новогодишен базар.

Во центарот на градот поставени се специјални куќички во кои се продаваат новогодишни реквизити, а во дел од нив граѓаните се нудат со варено вино, топол чај и други топли специјалитети.

И покрај студеното време посетата на базарот е исклучително голема и сите без исклучок се задоволни што и во нивниот град се одржува ваков новогодишен базар, за кој општина Охрид донира неколку од специјалните овогодишни куќички.

Фото: З.А
Фото: З.А

– По примерот на останатите поголеми градови од републикава и Кичево организира новогодишен базар во куќичките поставени во центарот на градот, во непосредна близина на Божиќната пештера и новогодишната елка. Базарот работи во вечерните часови кога и покрај релативно студеното време посетата на граѓаните на Кичево е на завидно ниво. На новогодишниот базар се нудат реквизити кои асоцираат на Новата година, а во дел од куќичките се нудат и варено вино, топол чај, солени и слатки специјалитети. Задоволни сме што нашите сограѓани во голем број го посетуваат новогодишниот базар кој ќе биде отворен до 14 јануари односно до Старата Нова година – истакна Моника Анѓелкоска, вклучена во организацијата на базарот.

Таа наведе дека Кичево со овие содржини почна да наликува на останатите поголеми градови во републикава каде за највеселата ноќ се нудат голем број на активности.

– Ова што се случува деновиве во центарот на нашиот град навистина е привлечно и го става нашиот град во редот на градови кои е добро организирани во пресрет на највеселата ноќ и очекуваме наредните години бројот на содржините континуирано да се зголемува – вели Крсте Тренески, посетител на базарот.

З.А