Амбасадорот на НР Кина, Џанг Ѕуо, денеска беше во официјална посета на Општина Крива Паланка, при што оствари средба со градоначалникот Сашко Митовски, по повод најновата донација во износ од 365.000 денари од амбасадата, со која се обезбедени 105 корпи за отпадоци во општината.
– Секое мое ново доаѓање во убавата Крива Паланка забележувам позитивни промени и нови нешта што придонесуваат за подобрување на животот на граѓаните,а драго ми е што со нашето пријателство и соработка можеме да придонесеме кон тоа. Ние во Кина велиме „не е подарокот тоа што е важно,туку интенцијата”, а јас со сигурност ве уверувам дека донацијата е одраз на искрените пријателски намери на Кинеската амбасада кон народот на Крива Паланка. Добрите пријатели се блиски и тогаш кога ги делат илјадници километри, а оваа 2023 година, одбележуваме 30 години јубилеј македонско-кинеско пријателство, години исполнети почит и еднаквост. Ние сме пријатели што стојат цврсто едни крај други во тешки времиња и во времиња на предизвици. Со модернизацијата, 1,4 милијарди Кинези преку мирен развој ќе се потрудат да обезбедат развој и можности ширум светот. Под стратешко водство на државните лидери Кина е отворена за меѓусебна соработка и доверба со Северна Македонија и да се развиваат билатералните односи. Соработката на локално ниво,со локалните заедници е наша силна страна и се надевам дека паланчани знаат повеќе за Кина и оваа соработка само ќе расте во иднина, со моја желба Крива Паланка сѐ повеќе да се развива,а нашето пријателство да биде вечно – рече Ѕуо.
Градоначалникот Митовски од име на сите граѓани на општината упати благодарност за поддршката што ја добива Крива Паланка во континуитет од страна на Кинеската амбасада.
– Оваа соработка и поддршка што трае една деценија, придонесува за подобрување на квалитетот на животот на локалната заедница и населението, почнувајќи од донацијата на минибусот што сѐуште се користи и допринесува за реализација на потребите на сите граѓани на општината, преку детското урбано катче со реквизити за игра и забава на најмладите жители на општината, кое беше изградено токму со донацијата обезбедена од страна на Амбасадата на Кина пред неполни две години и е прво од ваков вид во Крива Паланка, до последната донација на корпите за отпадоци во вредност од околу 350.000 денари со која се набавени 105 корпи, распоредени во кејот на Крива Река, покрај патот кон манастирот Св. Јоаким Осоговски и долж оваа, пешачко -рекреативна патека во Бабин Дол – истакна градоначалникот Митовски.
Со оваа донација и програмата за поддршка на вашата Амбасада, наведе тој, помагате во реализацијата на нашите планови и програми за развој на локалната заедница, меѓу кои и еден од врвните приоритети, чиста и зелена Крива Паланка, сочувување на природните ресурси што ги има во изобилство нашиот град, одржување чиста околина и еколошки здрава средина.
Корпите се поставени долж главната улица „Св.Јоаким Осоговски“, покрај магистралниот пат А2, во центарот на градот и плоштадот, во кејот на Крива Река, на патеките кон манастирот Св Јоаким Осоговски, кон излетничките места.
Дополнително, од сопствени буџетски средства општината набави уште 90 корпи за отпадоци во вредност од 298.000 денари.