Во Кичево интензивно се работи на градската инфраструктура, како и на инфраструктурата во повеќето селски населби, и покрај економската криза. Во овој момент Кичево е вистинско градилиште каде се реализираат повеќе капитални проекти, кои забрзано го менуваат изгледот на градот. Временската ситуација е погодна, нема врнежи од дожд, што овозможува градежните активности да продолжат речиси до почетокот на зимата.
– Планските активности за оваа година се реализираат во целост.Така реконструкцијата на градскиот плоштад во Кичево целосно ќе заврши до крајот на оваа седмица и нашиот град ќе добие плоштад со кој ќе може да се гордее. Паралелно со реконструкцијата на градскиот плоштад нов слој на асфалт ќе добие и улицата „Кузман Јосифоски-Питу“ која се наоѓа во средиштето на градот и се граничи со градскиот плоштад. Реконструкцијата мораше да се изведе од причина што при поставувањето на новите мермерни рабници,асфалтот беше доста оштетен а со оваа реконструкција улицата ќе биде целосно реконструирана и ќе се санираат сите оштетувања. Очекуваме нејзиното завршување да се случи, исто така,до крајот на оваа недела – истакна Љупче Матески од компанијата „Ас Сењак“, изведувач на работите.
Тој потсети дека пред извесен период целосна реконструкција беше изведена и на улицата„ 11-ти Октомври“ како и на улицата„ Ужичка Република“ а со полн интензитет се работи на улицата „Борис Кидрич“. З.А.