Екстремно високите температури, враќањето на печалбарите во земјава и неодговорните корисници се трите главни причини за драстично зголемување на потрошувачката на вода за пиење во Кичево. И покрај предупредувањата од страна на комуналното претпријатие до корисниците да ја редуцираат потрошувачката на вода, за да не дојде до криза, сепак во најголем дел граѓаните остануваат глуви на апелите од ова јавно претпријатие.
– Традиционално во текот на летото наидуваме на проблеми со водоснабдувањето во градот предизвикано од зголемената потрошувачка на вода за пиење од стандардната потрошувачка од околу 180 литри вода во секунда. Од почетокот на месец јули кога дневните температури нагло пораснаа, а во земјава се вратија и гастарбајтерите од овој регион, тоа придонесе бројките драстично да пораснат и од стандардните 180 литри во секунда, потрошувачката порасна на дури 300 литри вода во секунда. Нам ни е совршено јасно дека секое лето наидуваме на истиот проблем, но сепак клучниот проблем го гледаме во злоупотребата на граѓаните во ненаменско трошење на водата за пиење, за полевање на зелени површини, освежување на дворовите поплочени со бекатон плочки и јавните чешми, кои често се користат ненаменски – истакна директорот на ЈКП „Комуналец“ Кичево, Зендел Јонузи.
Тој посочи дека во Кичево нема поголеми дефекти во водоснабдувањето како порано, единствено на вакви проблеми наидуваат во регионот Раштански Пат, во повисоките делови на оваа населба се до село Осој, каде се користат пумпи за да се испорача водата до корисниците од оваа населба.
З.А.