Кавадарчани со право можат да се гордеат на новоизградениот градски зелен пазар кој официјално е пуштен во употреба пред една недела. Новиот современ концепт кој во
целост е применет во новата градба овозможува на едно ниво продажен покриен простор со вкупно 170 тезги по хасап стандарди, за овошје и зеленчук, и осумнаесет боксови со разладни витрини наменети за продажба на јајца, маслинки и преработки од месо, млеко и риба.

 

Предвиден е и простор за продажба на цвеќиња на специјализирани тезги изработени од дрво. Граѓаните имаат непречен пристап од пет страни, на располагање големи корпи на тркала кои го олеснуваат носењето на продуктите , и што е најважно 2.260 метри квадратни паркинг простор на две нивоа кој овозвожува во исто време да бидат паркирани 130 возила. Паркинг просторот со пазарот е поврзан со скалила и лифтови и тоа товарен за дотур на стоката и лифт за граѓаните кои по пазарувањето ќе можат непречено само да се симнат до своите автомобили. Во подземниот дел на паркингот има изградено современи санитарии, вклучувајќи и специјализирани санитарии за инвалидизирани лица за кои на двете нивоа е обезбеден паркинг простор и непречен пристап од сите други пет пристапи на пазарот. Освен олеснетиот пристап на пешаците кои приоѓаат на зелениот пазар, со пробивањето на улицата во долниот дел на пазарот се овозможи полесен пристап и на граѓаните со автомобил и големо растоварување на метежот во сообраќајот кој беше најмногу изразен во пазарните денови.

Впечатоците на граѓаните на првиод ден од работата на пазарот се многу позитивни. Продавачите на овошје и зеленчук задоволни воодушевени од новите услови кои во многу им го олеснуваат условите за работа, одржувањето на хигиената и дотурот на стоки и обезбеден паркинг што досега беше вистински проблем иако во непосредна близина на пазарот функционира катна гаража која не можеше да ги задоволи потребите.

– Изградбата на современиот зелен пазар траеше 10 месеци, изведувач на градбата од
бетон и челик и беше доверена на кавадаречката компанија „Градба промет“, додека опремата и продажните пунктови се изработени од исто така кавадаречката компанија „Метал Апостолов“. Целосната инвестиција изнесува околу 2 милиони евра или во денари 105 милиони за градежниот дел и 12 милиони за опремата. Средствата општина Квавадарци ги обезбеди преку заем од домашна банка – информира градоначалникот на Кавадарци Митко Јанчев.

 

Проектот за современиот зелен пазар го изработи „Дизајн центар“ од Кавадарци на сопственикот Трајче Грков чии проекти во минатото беа одбрани за изградба на значајни капитални објекти во општина Кавадарци. Неговите објекти во значаен дел придонесоа за современиот урбан изглед на градот кој последниве години бележи најголема изградба.

– Идејата за новиот лик на градскиот зелен пазар е стара повеќе од две децении, но се до денес немаше услови за негова изградба, иако во изборните програми на многу претходни градоначалници беше предвидено негово реновирање.  Пазарот во Кавадарци секогаш имал средишна улога. Неговата локација кон крајот на 19-от и почетокот на 20-от век била кај Чарши џамија што значи во чаршијата каде е центарот на сите збиднувања, по Втората Светска војна е веднаш до Собранието, а од 1961 година на сегашната локација, исто така во центарот на Кавадарци. По цели 60 години во 2021 година се создадоа услови за изградба на целосно нов објект, многу пофункционален и современ кој во значаен дел го подобрува квалитетот на снабдување на граѓаните со свежи прехрамбени продукти. Грижата за одржување на пазарот и понатаму останува на ЈП „Комуналец“ односно РЕ „Пазар“. Се надевам дека новиот и поубав изгелд на зелениот пазар ќе предизвика реновирање и реконструкција на трговските и услужните занаетчиски објекти во неговата непосредна околина – вели архитектот Трајче Грков сопственик на „Проект дизајн“.