Фото: З.А.

Откако лани во Могилец, Бродско, беше осветен светиот крст кој го донира едно семејство родум од ова село, востановена е нова практика секоја година на овој ден да се организираат Илинденски средби, на кои се собираат жителите од ова село кои живеат во други градови во земјава и во странство.Годинешен кум на селото се Јагода и Стојан Илиески и тие се практично зачетници на оваа нова традиција и воедно донатори на крстот.

– Откако минатата година на овој ден во селото беше поставен и осветен светиот крст, ние како донатори на крстот одлучивме на годинешниот Илинден да организираме Илинденски средби на кои ќе присуствуваат голем број на жители од нашето село кои живеат и работат надвор од нашата средина. Средбите беа одбележани и со подигање на славски колач од страна на кумот во присисутво на свештеник од Бродскиот храм, а за сите присутни беше организиран заеднички ручек кој беше подготвен од страна на војниците од Кичевската касарна. За музиката се погрижи дуетото Роберт и Жани, а во текот на денот беше избран и нов кум кој овие средби ќе ги организира наредната година – истакна Стојан Илиоски, годинешен кум во село Могилец. З.А.