Традиционално од средината на јули до крајот на август во Кичево престојуваат печалбарите од овој регион, кои во родниот крај го користат годишниот одмор. На доаѓањето на гастарбајтерите најмногу му се израдуваа сопствениците на ресторани за свадби, златарниците, цвеќарниците, бутиците и сите оние кои се занимаваат со трговија во градот, кои овој период од годината со нетрпение го очекуваат за драстично да го подигнат својот промет и да ја спасат годината.
-Оваа година според наша проценка во Кичево и кичевијата очекуваме да се направат помеѓу 400 и 500 свадбени веселби. Ова го велам од причина што во текот на годината сите заинтересирани печалбари за правење на свадби се јавуваат по телефон или преку социјалните мрежи за да резервираат термин во кој ќе ја направат свадбената веселба. Овие практики се доволно јасен показател за бројот на свадби кои ги очекуваме ова лето и кои ќе се движат во рамките на повеќегодишниот просек – вели Џевдет Далипи, менаџер на ресторани за свадби со долгогодишно искуство.
Тој нагласи дека печалбарите имаат различни барања за своите свадби од поинакво мени, осветление во салата, до организирање на други содржини кои не се својствени за сите свадбени веселби.
Златарниците конечно ги дочекаа своите пет минути, бидејќи драстично го подигнаа својот промет и се чини на тој начин ја спасија слабата година изразена со помал промет.
-Според прометот во изминатите неколку дена можеме да бидеме оптимисти дека во периодот додека се тука печалбарите од овој крај, да направиме далеку поголем промет споредено со преостанатиот дел од годината. И ние ги очекувавме нашите гастарбајтери, подготвивме богат асортиман од златни производи што се рефлектира и на далеку поголемиот промет од претходно. Ова темпо на промет очекуваме да потрае најмалку до средината на месец август – вели Тајар, сопственик на златарници во центарот на Кичево.
Дури и чистачите на чевли се презадоволни од прометот кој го остварија изминатите неколку дена и очекуваат како и претходните години и тие малку да живнат .
Кафулињата работат турбо и речиси за цело работно време се преполни со гости од кои најбројни се печалбари од овој регион.