Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека не жали поради одлуката за започнување војна со Иран, и покрај можните политички последици од конфликтот врз ноемвриските избори за Конгресот.
Во интервју за „Фокс њуз“, Трамп беше прашан дали се кае поради војната поради нејзиното можно влијание врз изборниот резултат.
– Не верувам во зборот ‘каење’. Секогаш можете малку да се запрашате дали сте биле во право – изјави Трамп, додавајќи дека доколку повторно се најде во истата ситуација, „ќе постапи токму исто“.
Американскиот претседател ги отфрли и тврдењата дека дел од неговите поддржувачи се вознемирени или деморализирани поради конфликтот.
– Не мислам дека се деморализирани. Мислам дека се многу горди на фактот што не му дозволувам на Иран да има нуклеарно оружје – рече Трамп.
Тој повторно изрази уверување дека војната ќе заврши веднаш по изборите за Конгресот. Во средата Трамп обвини дека Техеран се обидува да влијае врз изборниот процес, на кој ќе се одлучува дали Републиканската партија ќе ја задржи контролата врз Конгресот.
Во меѓувреме, растот на цените на нафтата и гасот како последица на конфликтот станува едно од клучните политички прашања за републиканците пред изборите.
САД и Израел го нападнаа Иран на 28 февруари, по што Техеран возврати со напади врз Израел и врз земји од Заливот каде што се распоредени американски воени сили. Во конфликтот загинаа илјадници луѓе, а милиони беа раселени.
Трамп како една од главните цели на воената операција го посочи ослабувањето на нуклеарните способности на Иран.

































