Единствениот уличен свирач од Кичево Селаудин Абдулоски им се израдува на гастрбајтерите од кичевско, кои се на одмор во родниот крај. Тој уште од раните утрински часови започнува со свирење и дури при крајот на денот си оди на заслужен одмор, презадоволен од заработката што ја реализира деновиве.
-И летово гастарбајтерите од нашиот регион ја покажаа својата дарежливост што се одрази и врз мојата дневна заработка, која е далеку поголема споредено со претходниот период. Не само што повеќето гастарбајтери ме наградуваат со по некој денар, тие без исклучок ми оставаат по 100, па и повеќе денари, како благодарност за она што го чинам за нивното расположение. Впрочем тие знаат дека во земјите и градовите каде што работат уличните свирачи се многу популарни и нивната заработка е далеку поголема отколку кај нас. Ова го тврдам од причина што пред 10-15 години и јас во еден период бев уличен свирач во неколку града во Германија, во Келн, Франкфурт и Минхен – вели Селаудин, кој се пожали на сопствениците на дел од локалите во градот, кои му забрануваат да свири пред нивните локали.
Тој се надева дека и во наредните триесетина дена печалбарите ќе останат тука, а тоа ќе значи добра заработка за покривање на преостанатиот дел од годината кога приходите се далеку помали.
Вели дека не му пречат високите температури кога знае дека со пополни џебови ќе се врати дома, и како што напомна, задоволен е ако заработи за домашните да ги снабди со леб.