ВЕЛЕС

Се повикуваат сите евидентираните невработени лица што се заинтересирани да се вклучат во програмата за општинско-корисна работа, во проектот „Заедно под исто сонце“, за работно ангажирање со скратено работно време за период од девет месеци заради стекнување вештини и постепено вклучување на пазарот на трудот, да се пријават во Агенција за вработување – Центар за вработување Велес.
– Евидентираните невработени лица што немаат сертификат/уверение признаен од релевантните институции за стекнати вештини/компетенции за занимања од социјалната и здравствената сфера, во согласност со услугата што треба да се испорачува, ќе бидат вклучени во програмата, при што три месеци ќе добијат задолжителна обука и шест месеци работно ангажирање. Вкупниот период на вклученост на невработените лица преку програмата изнесува девет месеци, во кои влегуваат обуката и работниот ангажман – информираат во Општината.
Евидентираните невработени лица што ќе бидат вклучени во програмата за општинско-корисна работа ќе бидат работно ангажирани со скратено работно време со 20 (дваесет) работни часови неделно, при што за време на задолжителната обука од три месеци за лицата што не поседуваат соодветен сертификат/уверение признаен од релевантните институции за стекнати вештини/компетенции за занимања од социјалната и здравствената сфера, во согласност со услугата што треба да се испорачува и за време на работниот ангажман од шест месеци/девет месеци статусот на невработените лица останува непроменет. На невработените лица-корисници на паричен надоместок и на корисници на право на гарантирана минимална помош за времетраење на работно ангажирање ќе им биде активно претходно остварено право.
Право на учество во програмата за општинско-корисна работа имаат сите невработени лица, со завршено образование за специјален едукатор и рехабилитатор, педагог, психолог, социјален работник, социјален и рехабилитациски педагог, со завршено образование VII/1 степен.
За кандидатите што ќе бидат избрани и вклучени во програмата за општинско-корисна работа се предвидува паричен надоместок во висина од 9.000 денари бруто-износ за времетраењето на обуката и работното ангажирање, со вклучени данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување причинето со повреда на работа и професионална болест. Повеќе информации за јавниот повик има на веб-страницата на Општина Велес.