Деновиве екипите забрзано работеа на терен / Фото: Зоран Антовски

Кичево

На кичевските улици пешачките премини полека добиваат нова свежа бела боја. Продолжениот празничен викенд и најдолгиот полициски час, како и убавото време, деновиве беа искористени за овие активности на терен. Обновувањето на пешачката хоризонтална сигнализација е дел од пролетните активности што се реализираат на сообраќајниците во градот.
Со средства обезбедени од Општина Кичево, комуналното претпријатие деновиве го почна традиционалното пролетно обележување на градските улици. Хоризонтална сигнализација се поставува на сите сообраќајници во градот, што секако ќе помогне за поголема безбедност на пешаците и непречено одвивање на сообраќајот.
Од Општина Кичево сметаат дека во одвивањето на оваа операција им одел во прилог и полицискиот час, бидејќи фреквенцијата на возила во текот на ноќта речиси ја нема, а тоа секако им било во прилог на вработените од ЈКП „Комуналец“ да работат без застој.

– Откако пред неколку години комплетно се екипиравме за поставување хоризонтална сигнализација на сообраќајниците во нашиот град, во текот на годината во два наврати редовно ги обновуваме пешачките премини. Деновиве сме во интензивна кампања, за да ја искористиме и малата фреквенција на возила во градот поради полицискиот час, што во голема мера ни помогна непречено да ја завршиме оваа работа. Поставувањето на хоризонталната сигнализација е од исклучителна важност за пешаците, кои поради јасно видливата сигнализација можат многу побезбедно да се движат и да преминуваат преку улиците, а во исто време сообраќајот да се одвива без застои и тешкотии. Ако нѐ послужи времето и нема врнежи од дожд, за неколку дена треба да ја завршиме оваа операција – истакна директорот на „Комуналец“, Зенел Јонузи.

Комуналците велат дека откако поседуваат соодветна опрема за оваа намена, градот е редовно со свежо обоени зебри и друга сигнализација, а и цената на чинење на овие зафат е многу пониска.
Така, во овој период Кичево, покрај чисти улици, ќе добие и нови пешачки премини на сите сообраќајници.