Прилеп

Најголемиот проблем со кој се соочувале стручните работници од Меѓуопштинскиот центар за социјални работи од Прилеп, за време на корона-кризата, особено кога полицискиот час беше до 16 часот и траеше преку цел викенд, е злоупотребата од страна на одредени родители кај кои по разводот се доверени малолетните деца. Тие правеле отпор во барањата за средби и давањето на децата кај нивните поранешни брачни другари, а за нивниот нетолерантен однос посочуваат и надлежните од ЦСР-Прилеп.

– Вкупно телефонски и по писмени пријави, Центарот работел со не повеќе од 50 семејства. Стручната работа извршена од наша страна имаше големо влијание кај родителите, но сѐ уште има одредени проблеми. Апелираме на меѓусебно разбирање и толеранција помеѓу родителите и на прво место да се стави интересот на децата – вели Дејан Тошески, директор на МОЦСР-Прилеп, истакнувајќи дека со намалувањето на полицискиот час овој број е значително намален.

Тој истакнува дека родителите се советуваат, а таму каде што има потреба се доставувало и писмено предупредување дека се должни да ги овозможуваат средбите на другиот родител со децата.
Од друга страна, родителите што се оштетени или, пак, им е ускратено правото да се гледаат со нивното дете имаат право да поднесат и кривични пријави до Јавното обвинителство – Прилеп, но од Центарот велат дека досега немале информации дали некој од оштетените родители поднел пријава.
Инаку, од ЦСР-Прилеп посочуваат дека пријавите за семејно насилство во овој период за нивна среќа не отскокнува од просекот за овој период минатата година и тоа за целата територија што ја покриваат – општините Прилеп, Долнени и Кривогаштани.