Изложба на фотографии на Ненад Пивко, насловена како „Проект 365 фотографии“, создадени во текот на една година, ќе биде отворена вечерва во 19 часот во ликовниот салон од Центарот за култура во Кичево. Фотографиите се направени во околината на Кичево, Скопје, Охрид и соседна Албанија.

– Овој проект е составен од 365 фотографии, создадени во една година. Во тие денови кога имам повеќе фотографии, тогаш селектирам само една, а во денови со само една фотографија, тогаш останува единствената. Почетокот на проектот започна сосема случајно, кога почнав да работам не бев свесен во каква авантура се впуштам, нешто што во целост го смени мојот начин на гледање на одредени моменти преку фотографијата. Така, деновите поминуваа а фотографиите се таложеа, и тогаш сфатив дека може да се развива правец и категорија во фотографија – изјави за својот проект авторот Ненад Пивко, вљубеник во фотографија.