Општина Карпош доби сопствен стратегиски документ – Општински план за искористување на обновливите извори на енергија (ОППОЕ), кој е прв ваков стратегиски план изработен во Македонија и кој треба да се реплицира и во другите општини во државата.
Станува збор за студија во рамките на проектот „Општински план за обновливи извори на енергија: Иновативно искористување на сончевата енергија во Општина Карпош“, која за потребите на Општината го изработи консултантската куќа ЕНВИРОС со своите локални експерти, а е во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), преку Словачкиот фонд за предизвици и со финансиска поддршка од Министерството за надворешни работи и европски прашања на Република Словачка, на кој работеа и стручни лица од Одделението за енергетска ефикасност во Карпош.
Целта на студијата, која беше презентирана, е да се истражи соларниот потенцијал на Општината за негова примена во системите за ладење, греење, подготовка на топла вода, како и создавање мрежа на полначи за електрични возила, електрични тротинети, електрични велосипеди и сл.
Користејќи го словачкото знаење во оваа сфера, општинскиот план промовира иновативни предлози и деловни решенија за употребата на обновливи извори на енергија, кои ќе доведат до безбедно, рентабилно и одржливо снабдување со енергија за локалната заедница.
На претставувањето на овој значаен документ присуствуваше амбасадорот на Република Словачка, Хенрик Маркус, и претставник од УНДП Македонија. Планот го претставија изработувачите Катерина Митровиќ Маневска од ЕНВИРОС, Љупчо Димов (Општина Карпош), Светлана Петровска (ЦеПроСАРД), проф. Димитар Димитров (ФЕЕИТ).