Организацијата на резервни офицери за Берово и Пехчево, попладнево со пригодна свеченост во беровското село Митрашинци одбележаа 74 години од формирањето на 50 дивизија на НОВ и ПОМ како и од формирањето на 14 младинска ударна бригада „Димитар Влахов“. 

Во рамки на одбележувањето на значајниот датум, цвеќе пред споменикот на 50 дивизија на НОВ положија претставници на локалната самоуправа на чело со градоначалникот Звонко Пекевски, пратеници, членови на Советот на Општина Берово, делегација од АРМ од штипскиот гарнизон и претставници на здруженија од повеќе општини.

– Од генерација на генерација се пренесувал борбениот дух на разловечките востаници, на кресненските бунтовници кои од колено на колено ја пренесувале пораката на илинденските идеолози дека македонската земја е маченица. Таа борба била изразена преку страдањата, мачењата и херојските умирања, за да подоцна тој борбен дух прерасне во општонародна револуција, кој вродил со плод во создавањето на независна и самостојна Република Македонија во која денес ги одбележуваме овие значајни датуми, кои се гордост за нашиот народ и светол пат на нашите млади генерации – рече градоначалникот на општина Берово Звонко Пекевски по повод одбележувањето на настанот.

Во рамки на културно-уметничката програма свој настап имаа учениците од деветолетката „Дедо Иљо Малешевски“ како и хорот и оркестарот при Здружението на пензионери од Берово.