Со средства од Бирото за регионален развој, целосно се менуваат старите дрвени, со нови ПВЦ-врати и прозоци, на најстарата детска градинка во Кичево, „Олга Мицеска“, која започна со работа кон крајот на шеесетите години.

Градинката претходно доби нова ограда и паркинг простор, со што овој објект чиј капацитет е 160 деца на возраст од 9 месеци до 6 години, ќе понуди неспоредливо подобри услови за престој на најмладите жители на градот.

– За да ја подобриме енергетската ефикасност на најстарата детска градинка во Кичево „Олга Мицеска“ , од Бирото за регионален развој обезбедивме парични средства за промена на старите дрвени со нови ПВЦ-врати и прозорци. Деновиве една компанија од Кочани, специјализирана за оваа намена, интензивно работи на промена на вратите и прозорците и се очекува до крајот на неделава монтажата целосно да заврши, за детската градинка, вработените и дечињата што тука престојуваат, да добијат неспоредливо подобри услови за престој и работа и поголема заштеда на енергија за затоплување на објектот, бидејќи новите врати и прозорци нудат поголема енергетска ефикасност, што од нас го бара и ЕУ – истакна Рамиз Реџепи, директор на Бирото за регионален развој.