Рампата ќе овозможи многу поквалитетна дезинфекција на возилата

Од пред неколку дена, како што досега го правеа тоа возачите на превозни средства од Прилеп за Битола и возачите на лесни и тешки товарни возила, кои доаѓаат од Охрид и од Ресен, при влезот во Битола возилата мораат да поминуваат низ дезинфекциска рампа и санитетска јама.
По препорака од општинскиот кризен штаб, а во согласност со оперативниот план и процените на стручните лица за преземање превентивни мерки за заштита на населението од вирусот ковид-19, деновиве на влезот во Битола од страната на Охрид и на Ресен се поставени дезинфекциска рампа и санитарна јама.

Со нивното поставувањето ќе се дезинфицираат сите патнички и товари возила што влегуваат во Битола од Охрид и од Ресен. Дезинфекциската рампа е донација на фирмата „Монтинг инженеринг“ од Битола.
Инаку, за поставување на дезинфекциската рампа е изработен сообраќаен проект за привремен режим на сообраќај и на тој дел од патот е поставена соодветна сообраќајна сигнализација.

Паралелно со поставувањето на санитарните јами и дезинфекциските рампи на влезовите за Битола, во градот под Пелистер, во настојувањето да се заштити населението од ширењето на коронавирусот постојано, како во работните денови така и за време на полициските часови, се врши масовна дезинфекција. Се дезинфицираат улиците низ градот, коловозите, јавните и прометни површини, влезовите во станбените објекти со влегување во самите влезови на зградите, тротоарите и сите други јавни површини.
– Општинскиот кризен штаб уште од почетокот на оваа состојба ги преземаше сите мерки и активности, во рамките на своите можности и ресурси, да помогне на сите можни начини, во однос на она што значи справување со оваа криза, така што и во овој дел на дезинфекција на возилата, кои влегуваат во градот, на почетокот имавме едно поедноставно решение.
Сега по препорака на стручните лица за овој таканаречен пик на заразата, со поставувањето на дезинфекциската рампа ќе се добие далеку поквалитетна дезинфекција на возилата бидејќи тие ќе бидат дезинфицирани од сите страни, како од долниот дел и странично така и од горниот дел на возилата.

Ова е само уште една од мерките што ги преземаме постојано за спречување на заразата од коронавирусот. Но сепак најдобар лек за справување со коронавирусот е да се почитуваат препораките на медицинските стручњаци за физичка дистанца на луѓето – нагласува градоначалничката на Битола Наташа Петровска.
Инаку, во настојувањето да се подобри хигиената во Битола се вклучени сите јавни комунални претпријатија, а градот има огромна помош и од АД ЕСМ подружница РЕК „Битола“ и ЈП „Стрежево“.