Фото: Игор Бансколиев

Од репрезентациите што не обезбедија пласман на СП, македонската селекција е најдобропласирана на ЕП 2020, а зад Македонија беа Швајцарија, Холандија, Црна Гора, Украина, Србија, Полска, Русија, БиХ и Летонија

Македонските машка и женска репрезентација, како и актуелниот шампион Вардар, се службено елиминирани од Европската (ЕХФ) и од Светската ракометна федерација (ИХФ), откако беа донесени одлуки за делумен крај на натпреварувањата поради пандемијата на коронавирусот, која имаше силно влијание во сите сфери на живеење.
Извршните комитети на ЕХФ и на ИХФ донесоа одлука за запирање на европските квалификации за пласман на СП 2021 така што пласманот на Мундијалот на европските селекции се одреди според резултатите на Европското првенство (ЕП) годинава. Така, место на СП 2021 ќе има за 14-те најдобропласирани селекции од ЕП (Шпанија, Хрватска, Норвешка, Словенија, Германија, Португалија, Шведска, Австрија, Унгарија, Белорусија, Исланд, Чешка, Франција и Данска).

На тоа ЕП, Македонија го освои 15-то место. За македонските ракометари останува надеж за добивање една од двете вајлд-карти што ги има ИХФ, од кои за едната беше најавено дека ќе биде за САД, но тие би можеле и директно да одат на СП. Веднаш по одлуката на ЕХФ и ИХФ, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) најави дека ќе аплицира за една од вајлд -картите за пласман на СП во Египет.
Според пласманот на ЕП 2020, Македонија е најдобропласирана меѓу селекциите што не обезбедија пласман на СП 2021, односно со најголеми шанси доколку ИХФ би ја доделила вајлд-картата на европска селекција според тој пласман. Зад Македонија на ЕП 2020 беа Швајцарија, Холандија, Црна Гора, Украина, Србија, Полска, Русија, БиХ и Летонија.

Елиминирана е и женската репрезентација од квалификациите за ЕП 2020, кое ќе се игра во Данска и Норвешка во декември. ЕХФ на ЕП ќе ги испрати двете најдобропласирани селекции од секоја од седумте групи. Македонија играше во групата 5, каде што по две кола Шведска и Чешка имаа по четири бода, а Македонија и Португалија беа без бодови.

Вардар нема да ја брани шампионската титула во продолжението на ЛШ, која поради пандемијата сезонава доби скратен формат, односно од групната фаза директно се оди на фајнал-форот, каде што ќе настапат Барселона, ПСЖ, Кил и Веспрем. ЕХФ остави простор да се доиграат четвртфиналните дуели во женската ЛШ пред завршниот турнир во Будимпешта, предвиден за 5 и 6 септември. Ако нема услови да се одиграат мечевите во септември, во октомври ќе се игра само завршен турнир по системот како кај мажите, со четирите најдобропласирани екипи, Мец, Брест, Есбјерг и Ѓер.